
ВОЗЕЛ СО 3,21 ПРОМИЛИ АЛКОХОЛ: Кавадарчанец заврши во притвор по сообраќајка
Двајца возачи од Кавадарци и Битола биле приведени откако полицијата ги затекнала како управуваат возила под силно дејство на алкохол. Во еден од случаите, пијан возач предизвикал и сообраќајна незгода.
Инцидентот во Кавадарци се случил синоќа околу 20 часот, на крстосницата меѓу улиците „Народен Фронт“ и „Коле Подлешки“. Според полицијата, 35-годишниот А.М. од Кавадарци, управувајќи патничко возило „форд“ со велешки регистарски таблички, удрил во паркирано „сузуки“, сопственост на 55-годишен жител на градот.
По извршениот алкотест, кај возачот било утврдено присуство на 3,21 промили алкохол во крвта, по што тој веднаш бил лишен од слобода и задржан во полициска станица.
Неколку часа претходно, во Битола, при рутинска сообраќајна контрола на улицата „Славко Лумбарко“, полицијата го запрела 43-годишниот Г.Н., кој управувал „мерцедес“ со битолски регистарски ознаки. Алкотестот покажал 1,59 промили алкохол, по што возачот бил исклучен од сообраќај и приведен.
Од полицијата најавуваат соодветни пријави против двајцата возачи и апелираат до граѓаните да не управуваат возила под дејство на алкохол.