Густата магла во Скопската котлина предизвика сериозни проблеми во авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Во периодот од полноќ до пладне, откажани се 20 летови, а еден лет е пренасочен, соопшти ТАВ Македонија.
Од ТАВ информираат дека по 11 часот успешно слетале авионите од Дортмунд и Виена, а се очекува полетување на летот за Хамбург. Според прогнозите од метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на остатокот од денот, како и утре.
Од аеродромот нагласуваат дека, и покрај проблемите со маглата, аеродромот не е затворен и работи нормално. Одлуките за слетување или пренасочување ги носат авиокомпаниите и пилотите, во зависност од минималната видливост што тие ја прифаќаат.
– Аеродромот се затвора исклучиво со посебна одлука и со авијациска порака НОТАМ, што се случува само во исклучителни ситуации. Во моментов, сите капацитети на Меѓународниот аеродром Скопје се целосно функционални – соопштуваат од ТАВ Македонија.
Од таму апелираат патниците редовно да ги следат известувањата од своите авиокомпании, а инфо-пултот на аеродромот е достапен 24/7, како и телефонската линија +389 2 3148 333.