Општина Центар годинава одвојува значајни 15 милиони денари за унапредување на квалитетот на животот на пензионерите, со фокус на здравје, социјализација и континуирана грижа за повозрасните граѓани.
На средба со Здружението на пензионери на Општина Центар, градоначалникот Горан Герасимовски ги презентираше програмските активности што ќе се реализираат во текот на 2026 година, нагласувајќи дека третото доба е важен дел од локалната заедница и заслужува системска поддршка.
„Во буџетот обезбедивме 15 милиони денари за конкретни мерки и проекти наменети за пензионерите. Нашата цел е тие да имаат поздрав, побезбеден и поактивен живот, со повеќе можности за дружење и поддршка кога им е најпотребна“, истакна Герасимовски.
Со овие средства ќе се финансираат повеќе програми, меѓу кои: Сервис за стари лица, „Итно копче“ со 24-часовна медицинска поддршка, бесплатен превоз до здравствени установи, сезонски екскурзии во текот на целата година, настанот „Носталгија за корзо – сеќавање на едно убаво време“, Пензионерски спортски игри 2026, како и активности за вклучување на пензионерите во образовниот процес преку предметот домаќинство. Предвидена е и директна поддршка за пензионерите кои се во социјален ризик.
Според податоците, околу 20 отсто од жителите на Општина Центар се постари од 60 години, што, како што посочуваат од општината, јасно ја покажува потребата од вакви мерки за промоција на активна, достоинствена и витална старост./racin.mk