Швајцарските власти досега ги идентификуваа 24 од 40-те лица кои загинаа во пожарот во барот за време на Нова година во алпскиот ски-центар Кран-Монтана. Меѓу нив е и 14-годишно девојче – најмладата жртва до сега.
Меѓу идентификуваните се малолетници од Швајцарија и Италија, како и 18-годишен Романец, 18-годишен Турчин и Французин на 39 години. Од 119 повредени, најголем дел се Швајцарци, а има и Французи, Италијанци, Срби и други националности.
Првичната истрага покажува дека пожарот бил предизвикан од прскалки кои ја запалиле пената на таванот, а огнот брзо се проширил. Двајцата француски менаџери на барот се под истрага за убиство од небрежност и други прекршоци, додека инспекторите испитуваат дали се почитувани прописите за заштита од пожари.