Бектеши за ДВ: Можно е намалување на цената на струјата

news
Advertisement

Министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ДВ уверува дека инфлацијата веќе нема да ги „шокира“ граѓаните. Инспекторите ќе ги „дисциплинираат“ трговците да нема злоупотреби, вели тој.

Advertisement

Новата Година нема да почне со поскапа струја, а први декември ќе донесенамалување на цените на основните прехранбени производи. Министерот за економја Крешник Бектеши во разговор за Дојче веле уверува дека Владата има решение за смирување на кризата. Бектеши најавува засилување на инспекциски контроли за да нема злоупотреби и тврди дека увозот на струја периодов била поевтина опција од домашното производство. Бектеши уверува дека Владата не ги запоставува плановите за инвестиции во енергетскиот сектор, но за ефектите сепак ќе треба да се почека.

ДВ: Господине Бектеши, најавувате дека граѓаните од 1 јануари нема да се соочат со повисоки сметки за електрична енергија. На што го темелите ова уверување?

Крешник Бектеши: Нема да има драстично зголемување на цената од 1 јануари, можни се и поместувања во надолна линија. Сѐ зависи од тоа што ќе утврди Регулаторната комисија откако ќе се направат соодветните анализи и проекции и, адекватно на тоа, ако е потребно ќе биде донесена соодветна одлука од страна на Владата. Согласно нашите проекции и разговорите што ќе ги имаме во Економскиот совет, можам да кажам дека кризата нема да биде на товар на граѓаните, на домаќинствата и на малите потрошувачи. Што и да се случи со производството на ЕСМ, што и да се случи во енергетскиот систем, граѓаните никогаш нема да плаќаат повеќе од она што моментално плаќаат. Јас ги имам пресметките колку би можела да изнесува таа и тврдам дека зголемувањето нема да биде на товар на граѓаните.

ДВ: Соочени сме со рекордна инфлација за која многумина предупредуваат дека вината не треба да се бара исклучиво во надворешни фактори. Се согласувате ли со критиките дека добар дел од домашните производители нереално ги зголемија цените?

Крешник Бектеши: Стапката на инфлација бележи поинтензивен раст, отсликувајќи ги повисоките цени на примарните производи, но и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување. Ценовниот раст во Република Северна Македонија главно произлегува од фактори на страната на понудата, односно од порастот на цените на храната и енергијата, како резултат на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени поради војната во Украина и санкциите воведени кон Русија, со што дополнително се влошиja глобалните синџири на снабдување и пазарот на енергија. Ваквата ситуација има директен одраз врз цените на прехранбените производи, како и цените на горивата и електричната енергија, со оглед на тоа што храната и енергијата се клучните влезни компоненти. Иако растот на цените стана широко распространет, ценовните притисоци се на глобално ниво, базичната инфлација во Република Северна Македонија бележи силен раст оваа година, во однос на претходните години, растот на домашните цени има исклучиво влијание од растот на цените во земјите од кои го вршиме увозот. За да го ублажиме притисокот од растот на увозните цени, Владата на Република Северна Македонија во почетокот на март оваа година донесе мерка за ограничување на трговската маржа на основните прехранбени производи, која важи до крајот на оваа година. Дополнително на тоа, Владата презеде натамошен чекор на почетокот на ноември оваа година кон домашните производители на основните прехранбени производи, за субвенционирање на електричната енергија во нивното производство, сѐ додека трае кризната состојба во непречено снабдување со електрична енергија.

ДВ: Сепак, имаше критики дека и кај домашните трговци има вина, оти дел од цените нереално се зголемени. Затаи ли контролата или механизмите на државата за заштита на граѓаните и нивниот стандард?

Крешник Бектеши: Како што објаснив во претходното прашање, ценовните притисоци на глобално ниво сериозно се рефлектираат врз нашата економија. Од аспект на структурата, годишниот раст кај цените на храната главно произлегува од зголемените цени на лебот и житата, брашното, зеленчукот, маслото за јадење, месото, млекото, сирењето и јајцата, коишто сочинуваат околу три четвртини од порастот на цените на прехранбената компонента. Растот на домашните цени на храната е во согласност со ценовните движења на основните прехранбени производи на меѓународниот пазар. Поточно, повисоките цени на житните производи и суровото сончогледово масло се главно одраз на високиот раст на цените на житарките и суровото масло на светските берзи, при отежнато производство и извоз од Украина поради војната. Бидејќи кај поголемиот дел од овие производи се применува мерката за ограничена трговска маржа до 10%, Државниот пазарен инспекторат врши континуирани контроли кон трговците на големо и трговците на мало за почитување на мерката при утврдување на цените. Дополнителни контроли се очекуваат од 1 декември оваа година, кога ќе започне да се применува мерката за субвенционирање на електрична енергија.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.