Борел со пакет мерки против Косово

news
Advertisement

Кабинетот на високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел подготвил предлог за пакет мерки насочени против владата на Косово и премиерот Албин Курти.

Advertisement

Овој пакет мерки Борел го подготвил поради недостатокот на политичка волја Курти да ги преземат неопходните мерки за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, објави регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“.Портпаролот на ЕУ Петер Стано вчера потврди дека кабинетот на шефот на европската дипломатија споделил со земјите-членки на ЕУ „нацрт мерки што треба да се преземат доколку премиерот Курти не преземе соодветни и итни чекори за деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите“ на северот на Косово

Меѓу предложените мерки на кабинетот на Борел е суспендирањето на испраќањето покани за настани на високо ниво и билатерални посети на Косово, освен оние чија цел е решавање на кризата за северот на земјата.

Се предлага да се намали присуството на јавни настани поврзани со финансиската соработка на ЕУ, кои вклучуваат членови на косовската влада.

Прекин на значителната финансиска помош на ЕУ кон Косово, е уште една од мерките што се опфатени со предлогот, почнувајќи од суспендирање на одобрувањето и спроведувањето на предлозите поднесени од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и суспензијата на дел од проектите меѓу ЕУ и Косово во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Европската Унија на 3 јуни побара од косовските власти да дејствуваат на неескалирачки начин и веднаш да ги прекинат полициските операции во близина на општинските згради на северот на Косово. Беше побарано новоизбраните градоначалници на четири општини на северот привремено да ги извршуваат своите должности во други простории, надвор од општинските згради, како и што поскоро распишување на нови локални избори.

ЕУ предупреди и дека е подготвена да преземе мерки против оние политичари кои одбиваат да преземат мерки за смирување на ситуацијата.

Европските и американските пратеници, Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар, овие барања му ги пренеле на шефот на косовската влада при минатонеделната посета на Приштина.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера потврди дека на претставниците на Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија) им го пренел предлогот за намалување на тензиите на северот на Косово и дека истиот веќе го препратил до Борел.

Коментирајќи ја содржината на писмото, портпаролот на ЕУ, Стано, рече дека „досега не сме виделе никакви решителни и итни чекори на премиерот Курти неопходни за деескалација на ситуацијата“.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.