ВИДЕО | Силно невреме ја погоди Хрватска: откорнати дрвја, оштетени покриви, затворени училишта
Силно невреме ја зафати Хрватска, предизвикувајќи значителни штети во повеќе делови од земјата. Во текот на ноќта дуваше силен ветер, кој продолжи и утрово, особено во Загреб, каде што се откорнати дрвја и оштетени покриви на објекти.
Поради влошените временски услови, наставата во дел од училиштата е откажана, пренесуваат хрватските медиуми.
Силен ветер е регистриран и долж крајбрежјето, каде што се воведени ограничувања за сообраќај на одредени категории возила. Во регионите Горски Котар и Лика, поради снег и зимски услови, на сила се забрани за камиони со приколки и трактори со полуприколки.
Највисокото, црвено метео-предупредување е издадено за регионите Загреб, Риека и Госпиќ, како и за Велебитскиот канал. Во останатите делови од земјата е во сила портокалово и жолто предупредување поради опасни временски услови, пред сè силен ветер и обилни врнежи.
Според најавите на Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ), денеска се очекува претежно облачно и ветровито време, со повремени обилни врнежи од дожд, а во внатрешноста и снег. На повисоките места се прогнозира снег, додека во Далмација се можни врнежи од дожд проследени со грмежи.
Од ДХМЗ информираат дека ќе дува умерен до силен ветер од северен и североисточен правец, кој локално може да достигне и ураганска јачина, поради што е издадено црвено предупредување за дел од земјата.
На Јадранското Море се очекува силен до бурен северен ветер.
Според локалните медиуми, во Загреб во текот на ноќта и утринава се евидентирани бројни штети – паднати дрвја, оштетени покриви, расфрлани ќерамиди и гранки, како и проблеми со сообраќајната сигнализација, при што дел од семафорите се нефункционални или навалени.