Владата нема време да ги донесе уставните измени

news
Advertisement

Најкраткиот можен рок за промена на Уставот е околу три месеци, техничката влада нема таков мандат и време за уставни измени практично нема, па на декемврискиот самит нема да се одржи втората меѓувладина конференција за продолжување на пристапните преговори со ЕУ

Advertisement

Теоретски може сè да се случи, но практично нема време за менување на Уставот, што значи дека на декемврискиот самит на Советот на ЕУ нема да се одржи втората меѓувладина конференција за Македонија да ги продолжи пристапните преговори со Европската Унија.

Иако владините функционери се категорични дека до последниот ден од мандатот ќе ја убедуваат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се согласи на уставните измени за да се вметнат Бугарите во Уставот за Македонија да ги продолжи преговорите за членство во ЕУ, реално власта го нема тоа време, затоа што на овој владин состав му остануваат уште само седумдесетина дена, пред да се формира техничката влада што би ги организирала парламентарните избори кои засега се пикирани за 8 мај, во исто време со претседателските. Со оглед дека техничката влада нема мандат за уставни промени, туку само за организација на изборите, а најкраткиот можен рок во кој може да се донесат уставните измени е околу три месеци, време за менување на Уставот практично нема, а на декемврискиот самит на Советот на ЕУ нема да се одржи втората меѓувладина конференција за продолжување на преговорите. Според договореното во Брисел, таа конференција ќе се случи по автоматизам, веднаш штом ќе се изгласаат уставните измени.

Во тек е првата фаза од процесот на уставни измени, која почна на 18 август и застана на клучниот момент – гласањето на пратениците за потребата за отворање на Уставот, за што е неопходно двотретинско мнозинство, а кое власта го нема.
Доколку утре ВМРО-ДПМНЕ се согласи за уставни измени, за довршување на процесот ќе бидат потребни околу 90 дена. Во втората фаза треба да се подготват и да се утврдат нацрт-амандманите, а од нивното доставување до нивното усвојување во Собранието мора да поминат 30 дена. Потоа се организира јавна расправа, чие времетраење го утврдува Собранието, по што Владата подготвува предлог-амандмани, кои исто така мора да чекаат 30 дена до пленарната седница за нивно усвојување.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека свесно, со политичка одлука, ја блокираат државата во натамошниот тек на преговорите. Тој оцени дека засега нема изгледи да се донесат уставните измени, но владејачката коалиција не се откажува и ќе продолжи до последниот ден од мандатот на овој собраниски состав да разговара и да ги убедува колегите од ВМРО-ДПМНЕ да ги подржат уставните измени.
Според Маричиќ, од декемврискиот Самит на ЕУ се очекуваат охрабрувачки пораки.

– Треба да го пречекаме декемврискиот самит. Ние очекуваме да има охрабрувачки пораки, но секако, не можеме да очекуваме да се случи нешто спротивно од она што е напишано во Преговарачката рамка и во она што ни е зададено како обврска уште минатата година. Нашата блокада во моментот има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Скринингот ќе заврши во првата недела од декември, ние ги подготвуваме и ќе ги испратиме оние патокази што ни се обврска од крајот на скринингот во Првиот кластер и тука ќе застанеме доколку не се завршат уставните измени. Бидејќи во моментот тоа нема изгледи да се случи, треба да очекуваме застанување. Но, ние не се откажуваме од тоа до последниот ден на мандатот од овој собраниски состав да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вртлог, во еден тунел во кој веќе еднаш нè внесоа во 2008 година и да соберат сила заедно да го направиле овој потег и одговорноста ќе биде заедничка, но и поените ќе бидат заеднички – рече Маричиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со соопштение дека на Маричиќ му недостигаат витамини.

„Не знаеме дали Маричиќ, бил на винскиот саем во Белград, но по изјавите и постапките потврдува дека бил и дека уживал во доброто вино. Факт е дека виното му штети, затоа да бидеме сериозни, подобро е да пие витамини, наместо вино. Маричиќ е министерот што го има најлошиот извештај на ЕУ досега. Дополнително, европската агенда е блокирана пред сè поради неспособноста и криминалот на Владата, и поради обидот да се наметне бугарски диктат, кој го поддржува владата на Ковачевски. Со Маричиќ, СДС и ДУИ, ЕУ е само далечна желба наместо реалност, на која треба да работиме“, одговори ВМРО-ДПМНЕ.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.