Владата останува на став против референдум, ВМРО-ДПМНЕ го дефинира референдумското прашање

news
Advertisement

Премиерот Димитар Ковачевски останува на веќе познатиот став во врска со референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ и за што се уште траат партиските консултации за референдумското прашање. И Ковачевски и лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски вчера од Тетово, каде започна кампањата за советници за вонредните избори на 20 август, ги повторија своите различни позиции по ова прашање. Претседателот Стево Пендаровски, пак, вели дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и оценува дека станува збор за манипулација која, како што вели, Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано. Во интервју се изјасни и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека прашањето за референдум е суверена одлука и нема да го коментира, но дека сепак тука треба да се погледне наназад и да се види широката слика.

Advertisement

Ковачевски вчера порача дека референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ е нерелевантен и дека земјата ги почна преговорите за влез во ЕУ. Според него, најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба.

-Прво, Република Северна Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалиционен партнер Левице се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ, рече Ковачевски.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не. Пораката до опозициската партија на премиерот Ковачевски е дека Северна Македонија ги почна преговорите и тоа со чист македонски јазик, со заштитен идентите и потврдено не само од Владата туку и од претседателката на ЕК и од потпретседателот на ЕК.

– Оваа држава од денот на одржување на првата меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно односно кон истокот, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кое треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на оваа изјава наведувајќи дека со одење против референдум Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула.

Подоцна лидерот на партијата Христијан Мицкоски во изјава за медиумите исто така од Тетово, каде почнаа изборите за локалниот совет истакна дека консултациите што ги прави партијата за референдумското прашање течат и многу скоро на следната седница на Извршниот комитет ќе се разговара на таа тема и јавноста ќе ги знае нивните чекори за референдумското изјаснување.

-Коментирав дека имаме напредок во ставот на претседателот Пендаровски. Гледам дека и тој јавно застанува позади идејата за референдум. Дури отиде и чекор понапред предложи текст на прашање и отприлика и двајцата конвергираме кон една таква суштина на тоа прашање. Очекувам дека за разлика од Ковачевски тој ќе биде помудар и ќе излезе и ќе ги повика граѓаните но и останатите политички партии да го подржат референдумското изјаснување, рече Мицкоски.

Коментирајќи ја изјавата на премиерот Ковачевски дека референдумот ќе биде нерелевантен бидејќи земјата почна преговори за влез во ЕУ, Мицкоски кажа дека тој е „нелегитимен премиер“ и оти колку е референдумот релевантен ќе се види во Тетово на 20 август кога ќе се гласа за советници.

-Само нелегитимен премиер поставен на начин на кој што е така поставен може гласот на народот да го смета за нерелевантен, а колку тој е релеватен ќе види овде во Тетово на 20 август кога советничката листа на СДСМ ќе доживее класичен дебакл од граѓаните на Тетово, а на следните парламентарни избори тој лично и неговите политики како нелигитимен премиер ќе доживеат дебакл од граѓаните на Македонија, изјави Мицкоски, кој денеска беше на состанок со партискиот огранок во Тетово со што започна кампањата за изборите.

Претседателот Пендаровски, зборувајќи во телевизиско интервју дали е за референдум за францускиот предлог, рече дека тоа што Мицкоски ги прави е политичка мобилизација на неговото членство.

-Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш во ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, толку, рече Пендаровски.

Тврдам, дополни Пендаровски, дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.

– Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…, рече Пендаровски

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.