„Претпладне е сѐ во ред додека доаѓаат пензионери и мајки со деца. Проблематично станува попладне кога на базенот почнуваат да доаѓаат групи на млади мажи, повеќето со арапско потекло кои прават проблеми“, вели за весникот Билд, еден берлински спасувач и обезбедувач кој сакаше да остане анонимен. Групи млади мигранти, за кои истиот извор тврди дека не се бегалци, туку мигранти родени во земјата, не го признаваат авторитетот на редарите кои редовно се соочени со закани и навреди, пишува Дојче веле.Последните неколку недели на особено проблематичните базени како Колумбијабад кој се наоѓа во берлинскиот кварт Нојкелн, со висок процент на доселеници од арапските земји, особено Либан, полицијата по неколку интервенции го затвораше базенот. Колумбијабад сега е затворен целосно бидејќи повеќето редари и спасувачи пријавиле боледување поради страв за своето физичко и психичко здравје.
Лошата состојба на германските базени ја потврдува и Петер Харцхајм, претседател на Германското здружение на спасувачи.
-На повеќето базени е мирно. Проблемите се случуваат таму каде што е натпропорционално висок процентот на гости со арапско потекло – вели тој.
Харцхајм потврдува дека и самиот повеќепати бил изложен на закани, главно од млади мажи. Спасувачите и редарите од Колумбијабад велат дека особено на мета на провокации и малтретирање се гости како хомосексуалци, жени и Евреи. „Масло на огнот“ долеа неодамнешната одлука на базените да се дозволи капење и сончање топлес.