Во битолската болница се плаќале дежурства на лекари и кога не работеле

news
Advertisement

Ревизорите откриле дека определени вработени не остварувале ни полно работно време, а при тоа им се исплатени редовна плата и надоместок за дежурство

Advertisement

БИТОЛА – Државните ревизори пронајдоа многу неправилности во работата на битолската клиничка болница, што е дополнителн удар за медицинската установа по неколкуте трагични настани што се случија во неа.

Во болницата на вработени и покрај тоа што не оствариле полно работно време им се исплаќани редовни плати и надоместок за дежурство, за што од касата на болницата се одлеале милиони денари. За дежурствата не е консултирано Министерството за здравство, а вработени оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови. За дежурства се плаќало и на немедицински кадар. Наспроти ова ревизорите констатирале дека задолжителните здравствени услуги се недостапни за граѓаните.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи за работењето на болницата за 2022 година и утврди низа неправилности. Со увидот во евиденцијата на работното време, пресметката и исплатата на плати и надоместоци на плати, лани се исплатени приближно 581 милиони денари, за што ревизорите констатирале неправилности.

„Со ревизијата е констатиранo дека не е воедначен начинот на организација на работното време, поради што кај определени организациони единици за дел од медицинскиот кадар не е обезбедено исполнување на предвидените 36 до 40 работни часови во неделата, односно воспоставена е пракса дел од работното време да се реализира преку 12 часовно до 24 часовно дежурство по што се користат повеќе слободни денови, а часовите поминати во дежурство се сметаат како часови поминати во полно работно време. Ваквата пракса овозможила определени вработени да не остварат ни полно работно време, а при тоа им се исплатени редовна плата и надоместок за дежурство“, констатираат ревизорите.

Околу 36 милиони денари се исплатени по основ на дежурство, без побарана согласност од Министерството за здравство, а имало исплата на дежурства на немедицински кадар во износ од 919 илјади денари.

„Неправилности се утврдени и при исплата на приближно 7 милиони денари за прекувремена работа на 303 вработени. Имено, за прекувремената работа не е известен инспектор на трудот и не се воспоставени контроли на бројот на реализирани часови, поради што 41 вработен оствариле прекувремена работа над дозволениот максимум од 190 часови, за што се исплатени околу еден милион денари“, заклучиле ревизорите.

За дел од вработените кои оделе да работат во други здравствени установи фактурирани се околу еден милион денари повеќе од реално извршените работни часови.

Болницата во изминатата година и години наназад не се погрижила ниту да го наплати сработеното, па ревизорите забележуваат дека – „воспоставила пракса ненаплатените побарувањата за извршени здравствени услуги на крајот од годината без предлог на пописна комисија и одлука на Управниот одбор, да ги евидентира како сомнителни и спорни поради што неосновано е намалена состојбата на вкупните побарувања во износ од приближно 97 милиони денари, од кои 92 милиони денари се постари од 5 години“.

Накрај ревизорите укажуваат во најкус можен рок да се преземат активности од страна на болницата и да се стави во употреба линеарен акцелератор кој се користи за третман на онколошки заболувања, а кој стои неискористен со години.

До крајот на мај 2022 година директорка на болницата беше д-р Билјана Гагачовска, специјалист психијатар, која ја водеше установата еден мандат вклучувајќи го и времето на корона кризата. Од мај лани до април годинава на чело на болницата беше д-р Александар Обедниковски, специјалист ортопед. Актуелен директор на болницата е д-р Елизабета Ивановска, специјалист интернист.

Извор: https://nezavisen.mk/vo-bitolskata-bolnica-se-plakjale-dezhurstva-na-lekari-i-koga-ne-rabotele/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.