Археолозите во Грузија пронајдоа заб стар 1,8 милиони години, кој веројатно припаѓа на раниот вид на човек, а за овој регион се смета дека е дом на една од најраните праисториски населби на луѓе, пренесува Гардијан.
Забот е откриен во близина на селото Орозмани, кое се наоѓа во близина на грузиската престолнина Тбилиси, и е во близина на Дманиси, каде кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите биле пронајдени човечки черепи стари 1,8 милиони години.
Наодите во Дманиси беа најстарото такво откритие каде било во светот надвор од Африка и го променија разбирањето на научниците за раната човечка еволуција и моделите на миграција.
Најновото откритие на локација не далеку од претходната дава уште повеќе докази дека планинската област на Јужен Кавказ веројатно била едно од првите места каде што раните луѓе се населиле откако мигрирале надвор од Африка, велат експертите.
„Орозмани, заедно со Дманиси, го претставуваат центарот на најстарата миграција на луѓето – или раниот хомо – во светот надвор од Африка“, соопшти Националниот истражувачки центар за археологија и праисторија на Грузија.
Џек Пирт, британски студент по археологија кој го пронашол забот во Орозмани, рече: „Импликациите не само за оваа локација, туку и за Грузија и приказната за луѓето што ја напуштиле Африка пред 1,8 милиони години се огромни. Ја зацврстува Грузија како навистина важно место за палеоантропологијата и човечката приказна воопшто“.
Најстарите човечки фосили насекаде во светот датираат од пред околу 2,8 милиони години, а за најстара се верува дека е вилица откриена во денешна Етиопија, Африка.