Во итна помош во Куманово фалат амбулантни возила, во Липково медицински екипи

news
Advertisement

Граѓаните на Куманово се жалат дека службата не може навремено да одговори на повеќе повици во исто време, поради што бараат од надлежните министерства да помогнат да се зголеми возниот парк.

Advertisement

Од Итната медицинска помош, која е во состав на Здравствен дом Куманово велат дека се свесни дека возилата не се доволни, но тврдат дека работат непрекинато и се трудат секаде да стигнат навреме и да одговорат на потребите на граѓаните.

„Поседуваме 4 амбулантни возила, од кои 3 во моментов се во функција. Најновото возило е набавено во 2021 година, другите се стари од 12-13 години, но се доста амортизирани поради секојдневната употреба. Сепак, возилата редовно се сервисираат и одржуваат, во добра возна состојба се и служат на намената. Доколку би набавиле уште само едно возило би биле далеку помирни и посигурни дека во секој момент експресно би одговориле на секој повик за медицинска помош. За оптимална мобилност ни требаат уште две возила“, истакна Валдрим Мифтари, од ЈЗУ Здравствен дом Куманово.

Во Општина Липково од пред неколку години функционира Здравствен дом, па таму имаат доволно возила, но слабо се екипирани.

„Поседуваме 2 возила, но ние сме мала установа и немаме доволно екипи во моментов. Најголем проблем се дождовите и снегот во зимските месеци, поради планинските предели каде дел од селата се недостапни. Но имаме разбирање и соработка со населението, па доколку до некаде не можеме да се искачиме семејството и соседите го транспортираат пациентот до онаму до каде е прооден патот. Се на се функционираме непречено, реагираме брзо во рамките на можностите, а и засегнатите жители ги разбираат нашите можности, па се трпеливи и толерантни“, изјави Мевљуд Јашари од ЈЗУ Здравствен дом Липково.

И Општата болница во Куманово има 4 амбулантни возила за транспорт на пациентите, a во функција се само две.

„Ние превезуваме само болнички пациенти, значи на релацијата Куманово-Скопје и обратно. Малку растегнато, ама успеваме да постигнеме“, изјави Бојан Радевски, шеф на возниот парк во болницата.

Според нормативите за итна помош на секои 5 илјади жители треба да има по еден медицински тим, кој во секој момент би можел да одговори на повикот за пружање на помош. Далеку сме од пропишаните протоколи, велат вработени во службите.

Но, тие велат дека иако располагаат со скромни возни паркови и релативно „извозени“ возила, возачите и медицинските тимови се залагаат максимално да не задоцнат на интервенциите и да ги опслужат сите кои се во невоља. Тврдат дека засега успеваат без поголеми проблеми да излезат во пресрет на сите повици.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.