Во Хрватска казни за трговците кои нема да ги вратат старите цени

news
Advertisement

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска најави казни за трговците кои нема да ги вратат старите цени што неоправдано ги покачија при конверзија од куна во евро, кое на 1 јануари стана официјална валута во таа земја.

Advertisement

Тој на седницата на Владата рече дека тоа се однесува на тие кои неоправдано ги зголемиле цените при претворањето во евро и со тоа ја намалиле куповната моќ на граѓаните и нанеле штета на стопанството со зголемување на и така високата инфлација.

Исто така тој најави дека надлежните служби ќе ја зајакнат контролата на цените и ги повика граѓаните да продолжат да ги пријавуваат тие кои не ја почитуваат владината одлука да ги вратат цените на нивото кое важеше до 31 декември.

Освен казните, премиерот најави и можност за укинување на субвенциите за производителите на енергија.

„Во криза важна е солидарноста и одговорноста и однесувањето кое не е профитерско“, рече Пленковиќ.

Помошникот на главниот државен инспектор Ведрана Филиповиќ Грчиќ рече дека инспекторите досега извршиле речиси 700 контроли, а во 178 констатирале неоправдано поскапување од 1 јануари.

Просечните поскапувања во продавниците се и до 13 отсто. Најголем пораст е забележан кај услужните дејности, а потоа во трговијата на мало, особено кај пекарските производи, кои поскапеа за 15 отсто, но некаде се забележани поскапување и до 30 отсто.

„Во продавниците, повеќе од 70 отсто од субјектите ги вратиле цените пред воведувањето на еврото. Кај фризерските услуги и услугите за нега на тело, цените во просек се зголемени за 20 отсто“, а во некои случаи и за 50 отсто, додаде Филиповиќ Грчиќ.

Висината на казните се движи од 1.000 до 26.000 евра.

Во Хрватска од 1 јануари официјална валута е еврото, а куната може да се користи до недела, 15 јануари. До крајот на 2023 година, банкнотите и монетите куни ќе може да се менуваат за евра по фиксен курс од 7,5340 во пошти, деловни банки и филијали на Фина, а од 2024 година само во Хрватската народна банка.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.