Вработените во УЈП на протест пред Министерството за финансии

news
Advertisement

Денес во 11 часот вработените во Управата за јавни приходи ќе протестираат пред зградата на Министерството за финансии. Со протестот тие сакаат да го изразат своето незадоволство кон Министерот за финансии Фатмир Бесими, поради недавањето согласност од негова страна за потпишување на новиот Колективен договор на Управата за јавни приходи.

Advertisement

„Во содржината на посочениот договор е утврдено зголемување на платите на вработените во Управата за јавни приходи, што е легитимно и основано согласно одредбите на член 66 од Законот за буџети. Во исто време таквата примена на посочениот член ја потврди и Собранието на Република Северна Македонија со давање на свое автентично толкување. Претходно работни групи делегирани од работодавачот и репрезентативната синдикалната организација Солидарност изготвија и заеднички ја прифатија содржината на новиот Колективен договор на ниво на работодавач“, соопштија вработените во УЈП. Тие објаснуваат дека согласно одредбите на Правилникот за доставување и регистрирање на колективните договори, прво договорената страна – работодавачот со писмен допис го достави договорот до Министерството за финансии за добивање на согласност за негово потпишување.

Од претставници на Министерството за финансии се дадени определени забелешки за наводни финансиски импликации по буџетот на Република Северна Македонија, додаваат тие.

„И покрај фактот што сметаме дека тоа не е така, дадовме согласност оспорените одредби од нивна страна да се избришат од содржината на договорот, со што се откажавме од определени права кои претходно сме ги договориле со работодавачот. На завршните активности покрај други учесници свое учество земаа и директорот на Управата за јавни приходи и Министерот за финансии, при што се изготви содржина на колективниот договор прифатлива за сите. Бидејќи до ден денес, од неразбирливи причини согласноста за потпишување на договорот сеуште не е добиена, а вработените во управата не можат да го остварат своето право на повисоки плати, решија да го одржат денешниот протест“, стои во соопштението.

Вработените во УЈП изјавија дека состојбата со нивните плати е повеќе од поразувачка.

„За 14 години платите се корегирани само за 5% а во последните четири години ниту еден денар. Никој не сака да го цени фактот дека станува збор за вработени во државната управа, кои се единствени во децениските активности на хуманитарни и донаторски акции со што ја искажуваат својата општествената одговорност. Никој не може да го негира фактот дека токму тие се единствените кои од сопствените плати издвоија милионски износи кои беа уплатени во фондот за справување со Ковид пандемијата кога целото општество беше во шок“, соопштија вработените од УЈП.

Тие велат дека се решени да ги искористат сите механизми за да го остварат ова свое основано право.

„Искажуваме загриженост поради можноста да настанат непосакувани состојби, предусловени од неисполнување на работни задачи и обврски на вработените при евентуално одржување на генерален штрак на што се инсистира од страна на вработените. Што тоа би значело за целото општество сите треба да бидеме свесни. Во исто време имаме заедничка обврска секој поединечно и сите заедно со изнаоѓање на решение, а тоа е давање согласност за потпишување на веќе прифатениот колективен договор истото да го спречиме“, стои во соопштението на вработените во УЈП.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.