Вработените не сакаат да чекаат до јануари, бараат повисоки плати веднаш, или излегуваат на улица

news
Advertisement

Сојузот на синдикатите на Македонија најавената тужба против државата до надлежниот суд во Скопје ќе ја поднесе следниот вторник, на 6 септември. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, за весникот ВЕЧЕР објаснува дека така ги советувале правниците кои ги консултирале.

Advertisement

-Ако ја поднесевме на 25 август, како што планиравме, постоеше опасност Судот да ни ја отфрли како предвремена. Зголемувањето на минималната плата е објавено во „Службен весник“ на 6 март, а рокот за усогласување на другите плати со неа, според закон, е шест месеци. Тоа значи дека треба да чекаме до 6 септември, кога истекува тој рок од шест месеци до кога треба да се зголемат другите плати, вели Димовски.

Тужбата, како што појаснува, е подготвена и има 17 страници, а државата се тужи за непочитување на закон и колективен договор според кои сите плати треба да се усогласат со минималната плата, најдоцна во рок од шест месеци. За нејзина подготовка имаа помош од поранешни уставни судии, професори по право и други експерти.

Во март минималната плата се зголеми од 15.200 на 18.000 денари, за 18,4 проценти, а со тужбата ССМ бара за толкав процент да се зголемат платите на сите вработени во јавниот сектор.

Пред три месеци, откако виде дека со ребалансот на буџетот не се предвидени пари за зголемување на платите на административците, а социјалниот дијалог замре, ССМ организираше штрајк на вработените во јавниот сектор, кој уште е во тек, со барање сите плати да се зголемат за 2.806 денари, за колку што номинално е зголемена минималната плата. Тоа барање беше за линеарно и солидарно зголемување на платите за таа сума, поради состојба во државата поради кризата. Сега тоа веќе не важи и се бара зголемување за 18,4 проценти, како што е предвидено со закон, со што трошокот на државата за плаќање на вработените станува уште поголем.

И покрај штрајкот што трае веќе четвртиот месец нема реакција од Владата, која останува на својата првична најава дека платите ќе се зголемат со подготовка на нова методологија, што ќе почне да се применува од јануари наредната година.

-Новата методологија за плати ќе биде готова до крајот на годината, а ќе почне да се применува од јануари следната година. Социјалниот дијалог е отворен. Се работи за системско, а не за ад-хок решение, рече пред повеќе од еден месец министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, но во меѓувреме не е одржана седница на Економско социјалниот совет.

Од ССМ, пак, инсистираат да се почитува Законот за плати и зголемувањето на платите предвидено со него, зашто, како што велат, во оваа криза работниците не можат да чекаат до јануари. Според Законот за плати растот на минималецот треба да го следат и другите плати не само во јавниот, туку и во приватниот сектор. Според синдикатите, таму каде што имаат членство, тоа е веќе реализирано.

За незголемувањето на платите и за замрениот социјален дијалог, повикувајќи се на меѓународни конвенции, ССМ ќе се жали и до Советот на Европа, но за поднесување на таа тужба нема рокови. Зголемување на платите и обнова на социјалниот дијалог, освен ССМ бараат и други синдикати. Исто како и ССМ и Конфедерацијата на слободни синдикати најави дека наесен ќе ги радикализира активностите и ќе почне со улични протести и блокади.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.