Годинава ќе нема нова еврообврзница, Ковачевски оди во Вашингтон по кредит од Светска банка

news
Advertisement

До крајот на оваа година нема да има нова еврообврзница, изјави денес премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашања на новинарите по отпочнување на градежните работи на делницата Прилеп-Битола, дел од Коридорот 10д. Наместо еврообврзница, државата се насочува кон проектно задолжување, за што веќе следната недела ќе се договара нов заем од Светска банка, посочи Ковачевски, не откривајќи за колкав износ станува збор.

Advertisement

„Задолжувањето на домашниот и на меѓународниот пазар на државата е регулирано согласно Стратегијата за јавен долг која што се одобрува во Собранието кога се одобрува и Буџетот“, рече Ковачевски. Тој додаде дека евроовбврзница беше издадена на почетокот на годината, односно на крајот на првиот квартал.

„Таа еврообврзница се искористи за раздолжување на еврообврзницата која што беше издадена во 2016 година, заради плаќање на сите оние стиропори кои што се распаѓаат, палми во Вардар и статутите кои што ги плаќаа по 2-3 милиони евра на мостовите на Вардар“, рече Ковачевски, нагласувајќи дека „тоа веќе го раздолживме“.

Нова еврообврзница, како што посочи, нема да се издава до крајот на годината. Задолжувањето ќе биде согласно со Стратегијата за јавен долг на домашниот и на меѓународниот пазар, било да е тоа преку државни обврзници или преку проектно финансирање.

„Јас идната недела ќе бидам во САД, таму ќе имам состанок со Светска банка на високо ниво бидејќи веќе разговараме за проекти кои што ќе бидат значајни за унапредување на голем број области во државата, кои ќе бидат финансирани од Светска банка. Веќе ги финализираме преговорите и од таму мислам дека ќе имаме добри вести. Откако ќе заврши состанокот, во однос на процедурите кои што ќе отпочнат, мислам дека брзо ќе завршат во Светска банка и на Северна Македонија ќе ѝ бидат достапни средства. Не би сакал сега да го кажам износот, но ќе биде навистина значаен износ на финансиски средства со кои што ќе можат да се работат голем број на проекти и на државно, но и на локално ниво“, рече Ковачевски.

Извор: https://nezavisen.mk/godinava-kje-nema-nova-evroobvrznica-kovachevski-odi-vo-vashington-po-kredit-od-svetska-banka/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.