Дали новиот закон на Лога ќе ја урне Владата?

news
Advertisement

Дополнувањата на Законот за јавно обвинителство е вториот закон, предложен од министерот за правда Кренар Лога, што може да извиси, откако не помина ниту предлогот на владиниот партнер Алијанса за Албанците за законот за амнестија. Министерот беше недостапен да одговори дали Предлог-законот ќе го турка без учество на ВМРО-ДПМНЕ, без ан-блок поддршка на СДСМ и дали евентуалното фијаско ќе биде причина Алијансата да излезе од Владата.

Advertisement

Можно е уште еден закон, предложен од министерот за правда Кренар Лога, да не добие поддршка од мнозинството во Собранието, откако неодамна пратениците од власта не го поддржаа законот за амнестија, а од Алијанса за Албанците тоа го протолкуваа како реваншизам на СДСМ за неподдршката на министерот и неговата партија на измените на Кривичниот законик.

Според информации на „Слободен печат“, дополнувањата на Законот за јавно обвинителство е вториот закон, предложен од Лога, кој може да извиси. Алијанса за Албанците се најде навредена и понижена откако не помина Предлог-законот за амнестија и токму дополнувањето на Законот за јавно обвинителство е можно да биде тригерот за Арбен Таравари, како што веќе најави, да ја урне Владата.
На средбата што Лога ја закажа попладнево за координација за дополнувањето на Законот за јавно обвинителство, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски информира дека нема да присуствува. Претставник ќе има од пратеничката група на СДСМ, но како што брифираат од СДСМ за „Слободен печат“, бланко-поддршка за измените подготвени од Лога ќе нема.

Според информации од пратеници, измената на законот предвидува воведување на АКМИС-системот за електронска прераспределба на предметите и во Обвинителството, за што никој нема против. Спорно е што Лога предлага комисија од Министерството за правда да има увид во него.

– Не може со една одредба во законот за Јавно обвинителство да се постигне целта што треба да се постигне. Значи да, воведувањето на електронското следење и распоредување предмети во обвинителствата е потребно, но мора да се размисли тоа на адекватен начин да биде адресирано во законот, имајќи ги предвид надлежностите и контролата. Особено треба да се внимава каков орган е Јавното обвинителство, кои се неговите надлежности, субординацијата и хиерархијата што му е загарантирана. Многу внимателно треба да се оди. Да, не е спорна потребата на воведување на електронска распределба и следење предмети, како што е во судството. Ан-блок сигурно поддршка нема да добие – брифираат пратеници од СДСМ.

Во комисијата што ја предлага Лога треба да учествуваат двајца правници со десетгодишно искуство и положен правосуден испит, двајца информатичари, а може да бидат ангажирани и надворешни експерти и, согласно планот кој министерот би го донел, тие да вршат надзор врз системот за електронска распределба на предмети. Спорно е дали таа комисија може да има увид во предмети што се во предистрага.

Минатиот месец, Министерството за правда информира дека ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства. Тогаш од Министерството образложија дека донесувањето закон за дополнување на Законот за јавно обвинителство произлегува од потребата за зајакнувањето на механизмите за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства и со него се прецизира надлежноста на органите и на телата утврдени со законот за вршење на надзорот. Тогаш, од Министерството соопштија дека измената што се предлага е во согласност со основната намера на Владата за членство во ЕУ и е во духот на реформите во областа на правосудството и негово натамошно унапредување.

Лога освен координаторите на пратеничките групи, на координативната средба упатил покани и до вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, јавното обвинителство, вишите јавни обвинителства, ОЈОГОК, здруженијата на судии и на јавни обвинители и Блупринт групата.

Мицевски: На нас се сетија во пет до 12

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека нема да оди на координативната средба што Лога ја закажа попладнево во Министерството за правда за предлог законот за обвинителството. Во писмото што беше испратено од министерот пишува дека средбата е за да се обезбеди инклузивност во процесот и можност на пратениците да дадат свои сугестии и предлози кои ќе бидат од особено значење за финализирање на предлог-законот.

Но, замката и проблемот не се во формата, туку во суштината и искрената намера. Крајно несериозно и некоректно е за ваков важен предлог-закон, Владата и, пред сè, Министерството за правда, народски кажано, во пет до 12 се сетија да ја поканат и вклучат најголемата пратеничка група во Собранието за учество во носењето на овој закон. Проблемот е во тоа што поканата за „инклузивност на опозицијата во овој процес“ ја упатуваат за веќе готов материјал и по изготвување на текстот на законот – вели координаторот Мицевски.

Тој додава дека многу важно е дека дополнувањето на Законот за Јавното обвинителство Собранието го носи со двотретинско мнозинство што значи дека без пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, финализирање на овој процес е невозможен.

– Ова е факт што власта одамна го знае или требало да го знае. Исто така, како што знае или би требало да знае, е дека најголемата пратеничка група во Собранието мораше да биде вклучена во овој процес уште од самиот старт на подготовката на Предлог-законот за Јавното обвинителство, а не на веќе завршена работа. Токму затоа, сметам дека упатената покана е уште еден јасен показател дека ова е обид за барање на алиби кога власта ќе се соочи со реалноста, а тоа е дека поради нивниот игнорантски однос кон најбројната пратеничка група во Собранието овој процес нема да успее – дециден е Мицевски.

Министерот беше недостапен да одговори дали Предлог-законот ќе го турка без учество на ВМРО-ДПМНЕ, без ан-блок поддршка од владиниот партнер СДСМ и дали евентуалното фијаско на законот ќе биде причина Алијансата да излезе од Владата. Лидерот на Алијанса Таравари веќе најави дека размислуваат да ја напуштат Владата ако не поминат уставните измени. За идните чекори, Таравари ќе се консултира со меѓународните претставници, бидејќи, како што вели. не сака да прават проблеми во тешки времиња.

– Имаме дилеми дали треба да се продолжи понатаму. Ние до крајот на ноември можеби ќе треба да одржиме седница на централното претседателство, да ги анализираме сите можности и не се исклучува можноста да одиме во опозиција. Ова е турбулентно време кога не се знае кој за кого работи. Ни требаат и инструкции од тие што ние ги нарекуваме свои пријатели и да знаеме кој пат да го фатиме – рече Таравари.

Тој најави дека очекува деновиве да се сретне со премиерот Димитар Ковачевски откако неодамна не помина законот за амнестија.

Таравари тактизира и поради стравот од поделби во Алијансата за Албанците

Од АА брифираат дека тактизирањето на Таравари дали да остане во Владата е поради стравување од поделба на партијата. Во партијата има три струи – функционери што претендираат да останат во Владата, дел од партиски функционери што навиваат да одат во опозиција и да се здружат со Европскиот сојуз за промени на Меџити, Гаши и Касами, а помал дел се тие што сметаат дека сами треба да одат на избори. Изјавите на Таравари за самостоен настап на изборите ги толкуваат како купување време. Таравари има понуди и од ДУИ и од здружената албанска опозиција за заеднички настап на изборите. Ако Алијанса ја напушти „Илинденска“, Владата ќе падне, бидејќи без осумте пратеници на АА ќе нема мнозинство. Ова би било првпат да падне влада. Ако тоа се случи, претпоставките се дека претседателот на државата ќе му даде шанса на премиерот да обезбеди мнозинство, доколку во тоа не успее, претседателот на Собранието ќе го распушти парламентот и ќе распише предвремени парламентарни избори. Во таков случај, наместо партиите да договорат датум за избори и дали тие ќе се во ист ден, ќе има ситуација прво да се одржат парламентарните, а потоа претседателските избори.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.