Денеска е Чист понеделник – започнува големиот Велигденски пост

news
Advertisement

За православните верници почна повеќенеделниот голем Велигденски и чесeн пост, кој завршува со празникот воскресение на Исус Христос кој секоја година кај нас се празнува во радост и мир.

Advertisement

Велигденскиот пост е најважниот пост за православните христијани и е подготовка за најрадосниот христијански празник Велигден.

Велигденскиот пост почнува денеска, на 18 март, а ќе трае до празникот Воскресение Христово – Велигден, кој годинава се прославува на 5 мај.

Денот по Прочка е Чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост.

Велигденскиот пост трае од Прочка до Велигден. Зошто се нарекува Четириесетница? Затоа што по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост, заради деновите на предавството, страдањата, распнувањето на крстот и погребението на Господа Исуса Христа. Таа се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика Недела на Православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот Крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при Неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страстна или Велика недела.

Веќе се најавува блискоста на Велигден. Деновите во таа седмица се именуваат како Велики: Од Велики понеделник, до Велика сабота. Секој ден е поврзан со настаните од последните дни на Господа Исус Христос. Особено се значајни последните три дена:
Велики четврток, кога бил фатен по Тајната вечера.
Велики петок, кога бил суден, тепан, мачен, распнат, умрел и бил погребан. Единствено тогаш пред луѓето се изнесува Плаштеницата со која било обвиткано и погребано Христовото тело.

Велика сабота е последниот ден и последната подготовка за Празникот над празниците, а Христос е во гробот од каде ќе воскресне.

Првичната цел на предвелигденскиот пост била насочена кон огласените, кои се припремале да бидат крстени токму на Пасха; оваа првична цел и значење била проширена уште во првите векови, со што и христијаните земале учество во овој пост, со цел да се подготват за Христовото Воскресение. Овој пост е символ на човечковиот живот, кој својата полнота ја доживува во воскресението од мртвите преку Христа и во Христа. Во овој пост Црквата ги повикува своите чеда на засилено покајание и молитва, очистување на умот, срцата, душите и телата и творење на добри дела во подвигот на љубовта, Христа ради.

За време на Великиот пост, верниците го ограничуваат внесувањето на храна, ја засилуваат домашната и заедничка молитва, се трудат да се каат и да прават добри дела. Внесувањето на храна е ограничено на растенија кои се приготвуваат без употреба на масло. Месото и млечните прозиводи, виното и маслото не се користат во исхраната. Бидејќи строгиот пост е строго канонски забранет во сабота и недела, масло и вино се употребуваат во тие два дена (освен на Велика Сабота). Риба се употребува само на Благовештение и Цветници (Врбица). Ако Благовештение се падне пред Цветници, тогаш на денот на Благовештение се разрешува на масло и вино.

Начин на постење и исхрана
Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.

Постот како општо воздржување од количината и видот на храната во православието има и други елементи, а тоа е воздржување од лоши дела и зборови. Само воздржувањето од храна помага во менталниот, емоционалниот мир на умот. Со постојано и редовно постење, човекот стекнува смиреност и мир, го чисти телото од насобраните залихи на храна, се лекува од токсините и го обновува имунитетот.

Многу поважно е со постот да ја регенерирате вашата емотивна и душевна состојба.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.