ЕКРИ: Загриженост поради меѓуетничките тензии

news
Advertisement

Говор на омраза и етнички мотивирано насилство, бележи извештајот на Европската комисија против расизам и нетолеранција за Северна Македонија. Се бара поголема активност на надлежните.

Advertisement

ЕКРИ е особено загрижена за насилството мотивирано од омраза кое се јавува меѓу етничките Македонци и Албанци.

Говор на омраза и насилство меѓу Македонците и Албанците, како и навреди и говор на омраза кон Бугарите, Ромите и ЛГБТ заедницата, бележи последниот извештај на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ).

Европската организација е особено загрижена за насилството мотивирано од омраза кое се јавува меѓу етничките Македонци и Албанци, и препорачува надлежните да го сфатат овој проблем сериозно и да одговорат адекватно, вклучително и со спроведување ефективни истраги за таквите инциденти и казнување на одговорните.

Говорот на омраза меѓу Македонците и Албанци се случува во секојдневните интеракции меѓу членовите на двете етнички групи, забележува ЕКРИ.

„На пример, меѓу ученици во јавниот транспорт. Се чини дека повеќето вакви инциденти не се пријавени кај надлежните“, пишува во извештајот и се заклучува:

„Позитивно е што и покрај континуираните меѓуетнички тензии меѓу двете заедници, тоа досега не доведе до значително ниво на верска омраза и нетолеранција или на антихристијански или антимуслимански говор на омраза“.

Според сознанијата на ЕКРИ добиени од македонските граѓански организации, во последните неколку години неофицијално имало околу 800 инциденти мотивирани од омраза. Во околу 70% од тие случаи се работело за инциденти меѓу млади од македонската и албанската етничка заедница, кои најчесто не биле пријавувани.

ЕКРИ препорачува да се преземат напори за прекин на „де-факто сегрегацијата на децата“ од македонско и албанско етничко потекло во мултијазичните училишта.

„Надлежните треба да обезбедат сите деца да учат во исти згради а системот на различни смени да се избегнува за да се обезбеди колку е можно поголема интеракција“.

Генерален напредок
Генерално, Северна Македонија бележи напредок во борбата против расизмот и нетолеранцијата, но и понатаму остануваат проблеми предизвикуваат загриженост, а коишто се поврзани со дискриминацијата на ЛГБТ заедницата и потребата од поголема вклученоста на Ромите во сферите на домувањето, здравството, образованието и вработувањето, се наведува во заклучоците на шестиот извештај за Северна Македонија на ЕКРИ.

Еден од значајните случувања истакнати во извештајот, кој го опфаќа периодот од 2016 година, е формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗПД), ново тело за еднаквост.

Извештајот ги потврдува позитивните чекори во однос на заштитата на ЛГБТИ лицата, како и вклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како заштитени основи во Законот за спречување и заштита од дискриминација. Финансиската поддршка на Министерството за труд и социјална политика за националната ЛГБТИ линија за помош и формирањето на Скопје Квир Центар, исто така, се нотираат како значајни во извештајот.

Додека извештајот позитивно ги забележува иницијативите во рамките на националната стратегија за Ромите, сепак се посочува дека е потребна поголема инклузија на Ромите во сферите на домувањето, образованието, вработувањето и здравството, како и усвојувањето на нова Стратегија за вклучување на Ромите (2022-2030). ЕКРН ја поздравува идентификацијата и поддршката што им се дава на Ромите кои претходно немале документи за идентификација.

И покрај постигнатиот напредок, во извештајот се посочува на неколку прашања коишто предизвикуваат загриженост.

Загриженост
ЕКРИ во извештајот меѓу другото се осврнува и на неколку напади врз лица кои се самоидентификуваат како Бугари и врз бугарски културни центри, коишто предизвикаа загриженост, како и чекорот на властите кон дерегистрација/распуштање на некои постоечки бугарски културни здруженија.

Дополнително, се нотираат чести навреди кон припадници на бугарската етничка заедница кои најчесто се карактеризираат како „фашисти“, а жените како „евтини проститутки“.

ЕКРИ смета дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се соочува со предизвици во обезбедувањето соодветен персонал и буџетски ресурси. Тие, како и Народниот правобранител, се борат со проблеми предизвикани од потребата за одобрение од Министерството за финансии за секоја финансиска трансакција што сакаат да ја направат од сопствените буџети, ограничувајќи ја ефикасноста и потенцијално претставувајќи ризик за нивната севкупна независност.

„Недостасува сеопфатна студија за дискриминација на ЛГБТИ лицата и не постои акционен план за ЛГБТИ или законска рамка за препознавање на истополовите врски или за решавање на промените на родовиот идентитет. Училишниот систем во земјата останува во голема мера сегрегиран по лингвистички линии (македонски и албански), како резултат на тоа што ги намалува интеракциите помеѓу различните јазици и етнички групи.

И покрај тоа што е постигнат напредок во инклузијата на Ромите, социјалната маргинализација, образовните диспаритети, високата невработеност и здравствените разлики продолжуваат да влијаат на многу членови на ромската заедница. Документите за идентификација со посебни лични идентификациски броеви (ПИН) за Ромите не се препознаваат од ИТ-системите на јавните служби, што создава предизвици во пристапот до основните услуги, се укажува во извештајот.

Препораки
ЕКРН дава препораки за справување со овие грижи и промовирање на понатамошен напредок, особено: доделување финансиска автономија на телата за еднаквост, регулирање на признавањето на родовиот идентитет, интензивирање на напорите за борба и пријавување на криминалот од омраза, справување со сегрегацијата во образованието и продолжување на напорите за подобрување на вклученоста на Ромите.

Извор: https://business.facebook.com/latest/content_calendar?asset_id=114648395211&focus_time=1695213000&nav_ref=internal_nav

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.