Елвира им пркоси на стереотипите дека жена не може да поправа автомобили

news
Advertisement

Таа вели дека на Балканот потешко се разбиваат предрасудите за тоа дека одредена професија е машка, а одредена женска.

Advertisement

– И моите деца на почеток се срамеа од тоа што го работам јас. Кога ќе го прашале за мене, синот не кажувал ништо. Дури сега, кога увидоа дека нивната мајка може да се справи со сè, со гордост кажуваат дека е автомеханичарка – потенцира Елвира

Облечена во работнички комбинезон, по малку исцрнета во лицето и рацете, а околу неа – куп расипани автомобили, клешти, шрафови, клучеви, дигалки. Да, тоа е симпатичната Елвира Исмаил, единствената автомеханичарка во Скопје. Таа е храбра жена, која секојдневно им пркоси на стереотипите дека жена не може да биде доволно добра во поправката на автомобили како маж.

Напротив, таа го докажува спротивното, дека кога се сака, со успех може да се работи сè.

Од средношколските клупи, на 19-годишна возраст, таа веднаш влегла во сервисот за поправка на автомобили на својот татко.

– Не можев да избирам. Морав да научам. Не знаев ништо. Почнав од фактури, примање возила. Ги учев деловите во магацин. И на крајот докажав дека и жена може да работи како автомеханичар. Им се спротивставував на уверувањата дека нема да можам. Особено ме фати инает кога на почетокот мајсторите што работеа во сервисот, со подбивање ми велеа: „Што бараш ти тука, оди си дома!“ – ја започна својата животна приказна Елвира, која му благодари на својот татко, кој има 74 години и кој сиве овие години како карпа стои до неа.

Таа вели дека на Балканот потешко се разбиваат предрасудите за тоа дека одредена професија е машка, а одредена женска.

– И моите деца на почеток се срамеа од тоа што го работам јас. Кога ќе го прашале за мене, синот не кажувал ништо. Дури сега, кога увидоа дека нивната мајка може да се справи со сè, со гордост кажуваат дека е автомеханичарка – потенцира Елвира. 

Таа успешно ја работи оваа професија и го усовршува занаетот веќе 30 години. Ги дијагностицира дефектите на компјутер и, како што вели, на мајсторот му кажува што да работи.

Сега има 50 години. Елвира е самохрана мајка на 23-годишна ќерка и на 17- годишен син. Нејзината ќерка е прикрај со студиите на Факултетот за психологија, а нејзиниот син ќе биде нејзин наследник, бидејќи учи во истото средно училиште во кое завршила таа –  АСУЦ  „Боро Петрушевски“.

Елвира е Турчинка, родена е во Скопје, а во сервисот на татко си што се наоѓа  спроти средното училиште „Михајло Пупин“, е само еден од работниците. Инаку, живее во Радишани.

Таа објаснува дека порано повеќе се заработувало и оти дневно се поправале и по 30 автомобили, но сега не повеќе од три-четири.

– Се живее од оваа професија, но ако си газда. А, ако си на плата, малку потешко – се смее Елвира.

Таа не се плаши и доколку остане без работа.

– Ќе работам во продавница за автоделови, знам да правам и масажа за релаксирање, но и многу вкусни слатки и разни тестенини. Како и да е, ќе се снајдам за да заработам за живот. За плата, секаде ќе работам – децидна е храбрата Елвира./vecer.press/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.