ЗАЕВ СЕ ОГЛАСИ: За ставањето на Кочо Анѓушев на црна листа поради вмешаност во корупција

news
Advertisement

Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил премиер, така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено-економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев“, изјави попладнево Зоран Заев.

Advertisement

– Јавно сакам да го споделам мојот став, кој веќе ѝ е познат на јавноста, а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер, кој е и професор, но, пред сѐ, успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата – вели поранешниот премиер.

Заев вели дека како премиер му било чест што имал таков соработник кому економијата и државата му биле секогаш на прво место.

– Знаеше да каже и да покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватни и деловни планови. Сите шпекулации што ги слушам деновиве, дури и од одредена јавна институција, ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор – дециден е Заев.

Тој истакнува дека Анѓушев е негов пријател и соработник кој исклучително го почитува и дека лично во 2017 година го замолил да прифати да одработи одреден период за македонскиот народ и за државата.

– Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави – порача поранешниот премиер Заев.

Неговата реакција доаѓа по брифингот на американската амбасадорка Анџела Агелер со избрана група новинари. На денешниот брифинг, Агелер рекла дека изречената мерка за Анѓушев „не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности“. Но, амбасадорката не навела детали за кои случаи конкретно станува збор.

Она за што американската амбасадорка била јасна на брифингот е дека Кочо Анѓушев нема да биде последното име на таа листа, иако одбила да одговори на прашањата што ѝ биле поставени дали, можеби некој од фамилијата Заеви е меѓу следните кои ќе бидат додадени на листата.

Како што е познато, Анѓушев одлучно ги негираше сите сомневања изразени во документот објавен од Стејт департментот и најави дека ќе ги искористи сите правни лекови во насока на повлекување на оваа одлука, која тој ја оцени како „непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, САД, за борба против корупцијата“.

Извор. https://thenewsgo.co/new/%d0%b7%d0%b0%d0%b5%d0%b2-%d1%81%d0%b5-%d0%be%d0%b3%d0%bb%d0%b0%d1%81%d0%b8-%d0%b7%d0%b0-%d1%81%d1%82%d0%b0%d0%b2%d0%b0%d1%9a%d0%b5%d1%82%d0%be-%d0%bd%d0%b0-%d0%ba%d0%be%d1%87%d0%be-%d0%b0%d0%bd%d1%93/?fbclid=IwAR1HZHJOSKZed1ub9ZphB2oYv71uZ5WOCnPC25FiyQAGdEXUoaZvU303VIM

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.