Ивановска: Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад!

news
Advertisement

Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад, вели претседателката на Антикорупциска комисија. Ивановска потврди дека правосудството како ризичен сектор е дел од Националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК, и посочи на резултатите од нивната анализа за корупцијата во овој сектор, од која вели, произлегоа значајни резултати меѓу кои влијанија врз судиите од судии на повисок ранг – претседатели на судови и на Судскиот совет, како и недостиг на интегритет на Судскиот совет, врз основа на кои се предвидени соодветни чекори.

Advertisement

Додека власта и опозицијата си разменуваат остри стрели во врска со Извештајот на ЕК ото и двете страни го гледаат со различна диоптрија, стигна опомена од претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска. Таа прстот го впери кон власта и побара таа да одговори за оценките во Извештајот на ЕК дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнетоста на само 10 проценти од препораките на Антикорупциската комисија.

-Ние отворивме повеќе предмети, разговаравме за повеќе појави кои што му тежат на ова општество. Направивме повеќе анализи од кои што излегоа повеќе препораки и тие беа упатени до соодветните институции кои што требаше да ги имплементираат. Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина. Од друга страна, подготвивме и Национална стратегија, имавме стратешки пристап во борбата против корупцијата, бидејќи сме превентивен орган. Во таа национална стратегија ги детектиравме проблемите, мерките, активностите кои што одредени институции требаше да ги споведат и точно се знаеше кој, кога и што треба да направи. За жал извештаите што ги направивме за 2021 и 2022 г. покажуваат дека 20, односно 10 проценти од активностите се спроведени што е многу ниско ниво, или нема прогрес. Последното скалило од оценките на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад, вели Ивановска во интервју за Сител.

Прашана кој е мотивот на ДКСК да продолжи со работа, ако со измените на Кривичниот законик дојде до застарување на повеќе случаи на висока корупција и злоупотреба на службена положба, Ивановска подвлекува дека Антикорупциска е превентивен орган и не е нивна работа да судат, ниту да делуваат репресивно, туку, вели, тие се „доктори за систематски преглед“.

-Не може некој што прави систематски преглед да биде и хирург. Хирургот е обвинителот, односно судијата. Од тука сакам да кажам дека е неминовно да постојат вакви институции кои што ќе укажуваат, но системот е поставен така што остануваат понатаму во синџирот други институции што треба да постапуваат по нашите укажувања. Крајната цел на нашата работа е подобрување на системот на контроли, намалување на ризиците од корупција. Во Националната стратегија сме ги детектирале ризиците од корупција, а најсилен ризик од корупција е политичкото влијание. Кога политичкото влијание би се намалило би оставило простор да дишат институциите. Тоа значи вработување и определување на висока раководна структура по институциите врз основа на мерит и ветинг систем, а не врз основа на диксреционите овластувања кои црпат моќ од политичките ситуации, вели претседателката на ДКСК.

Таа потврди дека правосудството како ризичен сектор е дел од Националната стратегија за борба против корупцијата на ДКСК, и посочи на резултатите од нивната анализа за корупцијата во овој сектор, од која вели, произлегоа значајни резултати меѓу кои влијанија врз судиите од судии на повисок ранг – претседатели на судови и на Судскиот совет, како и недостиг на интегритет на Судскиот совет, врз основа на кои се предвидени соодветни чекори.

Во однос на соработката со Обвинителството, Антикорупциска во својот мандат вели досега има доставено 50 иницијативи за кривично гонење, а не е процесуирана ниту една. А тоа е случајот и со над 200 иницијативи од 21- годишното постоење на ДКСК, освен за предметот „Бачило“. Но вели, секој треба да си постапува согласно надлежностите, а тие ќе ја продолжат соработката со Обвинителството.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Македонија прв пат во историјата доби извештај, во кој ЕУ заклучува, дека нема напредок на државата во скоро сите полиња, а најлоша е состојбата во судството, владеењето на правото и распространетата корупција, во сите сфери на општеството.

-Коруптивните Ковачевски, Ахмети, Груби и останатите функционери на ДУИ и СДС, место да спроведуваат реформи, во меѓувреме си тераа милионски бизниси за нив и нивните роднини и мува не ги лазеше за Македонија. Гледаат до крајот на нивниот мандат, само да се нафатираат уште колку можат, на грбот на народот, да изнакупат, што повеќе имот во центарот на Скопје, да ги прошират своите бизниси, но и да спроведат нов арач за лојалните и чесните компании, велат опозиционерите. Но, власта не мисли така. Смета дека Извештајот на ЕК ги потврди фактите дека ДПМНЕ и Мицкоски се кочничари на европскиот пат и на реформите на земјата. Извештајот јасно наведува дека ДПМНЕ активно ја блокираше работата на Собранието што беше значајна пречка за напредок.

-Се укажува на потребата да се донесат уставните измени и реформите за ЕУ кои ги блокираат токму Мицкоски и ДПМНЕ, а блокадата на ДПМНЕ е и за поглавјата кои се однесуваат на борбата против корупцијата. Но, и покрај опструкциите на опозицијата, државата продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство, обвинуваат од СДСМ.

Генерално, Европската комисија даде одредени забелешки за земјата, особено за политичката поларизација во Собранието, честото користење на европското знаменце при усвојувањето на законите, владеењето на правото, борбата против корупцијата, условите во затворите, заштитата на новинарите, јавната администрација.

Извор: https://www.vecer.press/%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D1%81%D0%BA%D0%B0-%D0%BF%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%B5%D0%B4%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D1%81%D0%BA%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D0%BB%D0%BE-%D0%BE%D0%B4-%D0%BE%D1%86%D0%B5%D0%BD/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.