ИЗБОРИ СЕ БЛИЖАТ, А ПАРТИИ ИМА ЗА ИЗВОЗ Од вкупно 63 регистрирани, дваесетина се познати, а за другите никогаш никој не слушнал

news
Advertisement

Според Единствениот судски регистар на политички партии во земјата има 63 активни политички партии, а заклучно со 21 септември оваа година има поднесено едно барање за упис – запишување на политичка партија во судски реrистар на политички партии и предметот сè уште е во работа. Според информации од Судот, сите овие политички партии се активни, иако за дел од нив јавноста можеби и не чула никогаш или дознаваме дека постојат пред и само за избори.

Advertisement

За неколку месеци во земјата треба да се одржат претседателски и парламентарни избори. За избори и за кандидати, како за претседател, така за премиер, се зборува, но тие засега се поврзуваат или се во „сенка“ на уставните измени. Доколку се остане според предвидениот календар, ова ќе бидат први парламентарни избори по неколку изборни циклуси во редовниот термин. Сепак, од одлуките на политичарите зависи дали навистина тоа ќе биде така или ќе имаме избори пред рокот.

Последните парламентарни избори во Македонија се одржаа во 2020 година, а тогаш на избори, според податоци на Парламентарниот институт, учествувале 50 политички партии, а народни избраници на почетокот на мандатот имале само 19 партии.

Колку партии ќе учествуваат на следните избори сè уште е рано да се знае, но до 21 септември во Единствениот судски регистар на политички партии во Основниот граѓански суд – Скопје беа запишани вкупно 63 политички партии, а една е во постапка за регистрација. Освен во Скопје, политичка партија може да се регистрира и во судовите во Тетово, Штип и Битола. Но, податоците и од овие судови се слеваат во Единствениот судски регистар на политички партии.

Кој има регистрирано партија?

Од пролетта наваму партиите крстосуваат по земјава на средби со граѓани. Кампањите официјално не се поврзуваа со избори туку за поткрепа и добивање поддршка од граѓаните. Темите беа и се уставни измени односно иднината на земјата во контекст на ЕУ, но партиите од базите добиваат сознанија и за потребите на граѓаните со цел подготовка на новите програми и понуди. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ – која беше меѓу членовите да ја консолидира партијата по излегувањето на групата на Изет Меџити, ЛДП, ДОМ, Беса, Алијанса на Албанците … се само дел од партиите што имаат свои активности, се реорганизираат или ги консолидираат редовните пред изборите.

Токму Меџити беше меѓу првите кој најави нов политички субјект, а по него во албанскиот блок тоа го направи и Африм Гаши, а потоа и Скендер Реџепи. Во македонскиот блок тоа го најави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој формира здружение, а се спомнуваа и имиња на други лица.

Според Единствениот судски регистар на политички партии во земјата има 63 активни политички партии, а заклучно со 21 септември оваа година има поднесено едно барање за упис – запишување на политичка партија во судски реrистар на политички партии и предметот сè уште е во работа. Според информации од Судот, сите овие политички партии се активни, иако за дел од нив јавноста можеби и не чула никогаш или дознаваме дека постојат пред и само за избори.

Поименично 63-те партии се: Нова Алтернатива, СДСМ, Демократска партија на Турците на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичка партија, Странка на демократска акција на Македонија, Македонска алијанса, ЛДП, Сојуз на Ромите од Македонија, Работничко земјоделска партија на Република Македонија, Демократски сојуз, Партија за движење на Турците во Македонија, Демократска партија на Србите во Македонија, Партија на Власите од Македонија, Српска напредна странка во Македонија, Единствена Македонија, Демократски сојуз на Власите од Македонија, Демократска унија за интеграција, Трајно Македонска Радикално Обединување-ТМРО, Демократски сили на Ромите, ВМРО-Народна партија, НСДП, Комунистичка партија на Македонија – Титови Сили Скопје, Демократска обнова на Македонија, Демократска партија на Албанците, Социјалдемократска Унија, Партија на обединети Демократи на Македонија (ПОДЕМ), Обединети за Македонија, Нова либерална партија, Движење за национална единство на Турците, Национална Демократска Преродба (НДП), Достоинство, Демократска партија на Ромите, Партија на пензионери, Десница, Работничка партија, Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), Обединета Партија за еднаквост на Ромите, Српска Странка во Македонија, Лартија за оnштествен и економски наnредок (ПОЕН), Роми обединети од Македонија, Беса, Алијанса на Албанците, Левица, Македонска акција, Глас за Македонија Бошњачки демократски сојуз, Движење за држава и правда, Демократи, Интегра-Македонска конзервативна партија, Партија за демократски просперитет на Ромите, Алтернатива, Партија за целосна еманципација на Ромите од Република Северна Македонија, Централна демократска унија, Твоја партија, Родина Македонија, Македонска Ера третаI, Македонски независни листи, Движење за демократија, права и слобода, Опра Рома, Политичка партија Македонски концепт, Европско граѓанско движење, Политичка партија Десна и Европска Демократска Партија – Partia Demokratike Evropiane (ЕДП-PDE).

Илјада потписи за нова политичка партија

Политичките партии се еднакви пред Уставот и законот. Им се гарантира слобода и независност во дејствувањето и во определувањето на нивната внатрешна структура, целите и изборот на демократски форми и методи на дејствување. Во својата внатрешна организација можат да формираат партиско истражувачко-аналитички центри, а во својата внатрешна организација политичките партии не смеат да формираат воени или полувојни структури.

Со постоечкиот Закон се предвидува политичка партија да можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на земјава, кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија.

Член на политичка партија може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин, кој ќе даде потпис за доброволно членство во политичката партија. Политичката партија е должна пред истекот на секои четири години од денот на регистрацијата да достави до основниот суд поединечно дадени потписи заверени пред нотар со број на потписи потребни за основање на политичката партија. Доколку не се случи тоа, Судот ја известува партијата и доколку во законски утврден рок не се пререгистрира, Основниот суд по службена должност ќе донесе решение за бришење на политичката партија од судскиот регистар и по правосилноста на решението за тоа ќе го извести Основниот суд Скопје II – Скопје заради бришење на политичката партија и од Единствениот судски регистар на политички партии.

Политичката партија престанува да постои со бришење од Судскиот регистар кога политичката партија ќе поднесе барање за тоа, врз основа на правосилно решение за бришење на политичката партија од Судскиот регистар, донесено од страна на Судот, кога на политичката партија и е забрането дејствување со правосилно решение, кога органот утврден со статутот на политичката партија ќе донесе одлука за спојување со друга политичка партија, кога е намален бројот на членовите на политичката партија односно кога ќе има помалку од илјада членови, како и кога Уставниот суд ќе утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот.

Од 1990 до 2020 година десет пати имало парламентарни избори

На парламентарните избори од независноста до 2020 година учествувале 155 политички партии, а биле избрани 874 пратеници од 51 различна политичка партија.

Северна Македонија ќе има избори во 2024 година, прво ќе имаме претседателски, а потоа и парламентарни избори.

Историски најмногу политички партии на парламентарни избори учествувале во 2016 и 2002 година по 53, а најмалку во 1998 година – само 23.

Според податоците од Парламентарниот институт, во 1990 на парламентарни избори учествувале 24 партии, а во Собранието биле застапени десет, во 1994 година учествувале 38 а десет имале свои пратеници во Парламентот, во 1998 на избори излегле 23 партии а народни избраници имале 13 политички партии, во 2002 учествувале 53 партии а во Собранието биле застапени 19, во 2006 година на парламентарни избори учествувале 41 партија, а свои застапници во Парламентот имале 20 партии, во 2008 година учествувале 38 партии на избори но само 18 биле застапени во Парламентот, во 2011 на избори излегле 51 политичка партија а во Собрание влегле 20, во 2014 година учествувале 44 партии, а во Собрание влегле 15, во 2016 имало 53 партии а во Собранието биле застапени 21, во 2020 на парламентарни избори учествувале 50 политички партии, а во Собранието свои застапници имаат 19 од нив.

Парламентарни избори во земјата се одржувале во просек на секои три години и четири месеци. Највисока излезност на гласачите на парламентарни избори имало во 1990 година 84,8 отсто, а најниска излезност имало во 2020 – 51, 3 отсто. Во просек од 1990 до 2020 на гласање на парламентарни избори излегувале 66,6 отсто од гласачите.

Досега имало три типови на изборни системи и тоа во 1990 и 1994 година имало мнозински изборен систем во два круга, во 1998 година имало мешовит изборен систем, а од 2002 до 2020 пропорционален изборен систем со партиски листи.

Извор: https://plusinfo.mk/izbori-se-blizhat-a-partii-ima-za-izvoz-od-vkupno-63-registrirani-dvaesetina-se-poznati-a-za-drugite-nikogash-niko-ne-slushnal/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.