Ковачевски: Континуитет на Илинден и АСНОМ и носење клучни одлуки наместо враќање во изолација

news
Advertisement

Обединетост во исполнување на стратешките цели на државата и континуитет во исполнување на идеалите на Илинденското востание и АСНОМ беа клучните точки во обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски по повод Денот на Републиката – Илинден и 120 години од Илинденското востание

Advertisement

СКОПЈЕ – Македонија денеска го слави Денот на Републиката – Илинден и одбележува 120 години од Илиденското востание. Годинешната прослава, под мотото „120 години Илинден – Огниште на татковината“ се одржува во Скопје, Крушево, Прохор Пчински и Пелинце.

Премиерот Димитар Ковачевски, на скопското Кале, положи цвеќе на споменикот на слободата „Сила, слава и победа“ и во своето обраќање повика на обединетост во носењето на следните важни одлуките кои ќе имаат влијание врз идните генерации.

„Денес Републиката има потреба од нова државничка одлука на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како неминовно и неопходно. Благодарение на тоа, ние денес имаме своја држава, единствена, македонска држава. Наше огниште. Илинденците и асномците знаеле дека вреди секој направен чекор напред за македонската државност и затоа нивните одлуки нѐ обврзуваат да одиме напред, одлучно и храбро“, порача премиерот Ковачевски од скопското Кале.

Премиерот ја истакна неопходноста од постоење на континуитет во исполнување на стратешките цели на независна и суверена Македонија.

„Со Илинденското востание во 1903-та година е кренат гласот за слобода и правдини. Но, со НОБ и Првото заседание на АСНОМ во 1944-та, македонскиот народ ја извојува својата национална слобода и создава сопствена држава, со службен македонски јазик. Ова покажува колку е важна свеста за постоењето на стратешката цел и колку е важен континуитетот за нејзиното постигнување. Длабоките демократски принципи на кои се засновала Крушевската Република изразени во Крушевскиот манифест кој јасно прокламира социјална, национална и верска еднаквост, не случајно денес се темелите на современа Република Северна Македонија. И низ какви предизвици и да мина нашата држава во тридецениската независност, инспирирани од храброста на илинденците и асномците, со државничко постапување на Собранието, донесени се сите клучни одлуки за државата до денес“, рече Ковачевски.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.