Ковачевски од Крушево: Секоја борба вреди кога се има вредна цел

news
Advertisement

Илинденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за којашто верувале, тоа е сегашноста која ја живееме ние денес – слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината за којашто веруваме, а тоа е европската иднина на нашите деца и идните генерации, кажа премиерот Димитар Ковачевски
-Aко некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој, тој, за сите е јасно дека има различни мотиви и цели од тоа што е интерес на граѓаните и државата, порача Ковачевски од Крушево

Advertisement

Уметнички перформанс на отворањето на „Десет дена Крушевска Република“
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва се обрати на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, која од 1 до 10 август секоја година се одржува по повод националниот празник Илинден. Тој кажа дека славата и делата на илинденските херои се, како што рече, сила за иднината.

„Тие се доказ дека секоја борба вреди кога се има вредна цел. И ако треба накусо да се одговори што е тоа што Никола Карев, Питу Гули, Гоце Делчев или кој било од нивните современици и сомисленици ги прави големи, тоа се тие самите, но, пред сè, тоа што ставиле пред сè нешто поголемо, заедничко и обединувачко – поставиле идеја. Крушевската Република е идеја за автономна Македонија, антифашистичката борба е идеја за слободна Македонија, на илинденските идеи од 1903 и 1944, во 1991 се поставени темелите на самостојна и суверена Република Македонија. На илинденските идеи ја градиме и современа и перспективна Република Северна Македонија. И затоа јас денес решив да зборувам за идеите коишто значат перспективи“,

кажа Ковачевски.

Тој посочи дека во периодот од независноста до денес се соочуваме со различни предизвици по патот на развојот – и одвнатре и однадвор.

„Се боревме и продолжуваме да се бориме и во изминатите неколку години постигнавме значителен напредок кон стратешките цели и квалитетот на живот. Постигнавме членство во НАТО, ги осигуравме границите на државата со меѓународно признаен територијален интегритет и зачекоривме одлучно како никогаш досега кон нашата следна цел – полноправно членство во Европската Унија со признаен македонски, чист јазик и идентитет. Продолжуваме одлучно по европскиот пат, бидејќи тоа е патот за иднината и патот за прогресот“,

кажа премиерот.
Тој вели дека не постои сила што може да застане на патот на европскиот напредок на нашата држава.

„А, ако некој случајно решил да ја преиспита прогресивната суштина на илинденската идеја, да блокира или кочи развој, тој, за сите е јасно дека има различни мотиви и цели од тоа што е интерес на граѓаните и државата. Минатото покажува дека само режимски системи кочеле прогресивни идеи но, ние пред нас ја имаме големата визија на големиот Гоце Делечв и таа е и останува нашата политика“,

порача Ковачевски.

Премиерот Ковачевски во Крушево предводеше и владина делегација
Премиерот посочи дека прогресивноста е во основата на Европската Унија, каде се обединети различни националности, традиции, вери и култури, а претставници на различни држави на заедничка маса разменуваат идеи и вредности, кои се мотив за себенадраснување, а со што им го олеснуваат животот на граѓаните, ги развиваат економиите и се солидаризираат.

„Како Македонци кои говорат македонски јазик ни е отворен простор на европската маса. Првите документи во Брисел веќе се преведуваат на македонски јазик, никој повеќе нема потреба да зборува во наше име. Нашето минато тече во нашите вени и никој не може да го одземе дури и да сака. Ние нема од што да се плашиме, ниту ни доликува да се откажуваме од битки. Илиденците и асномците со оружје јуришале кон иднината за која што верувале, тоа е сегашноста која ја живееме ние денес – слободна и независна македонска држава. И ние имаме обврска да јуришаме кон иднината за којашто веруваме, а тоа е европската иднина на нашите деца и идните генерации“,

кажа тој.
Ковачевски меѓу другото посочи и дека сите треба да работат напорно за да се осигура европската иднина.

„Сега е тоа што зависи од нас. Ова не е битка за минато. Таа битка Илинденците ја воделе и ја добиле. Оваа битка пред нас, почитувани граѓани, е битка за сегашноста и иднината и оваа битка, ве уверувам, заедно ќе ја добиеме. Да продолжиме по аманетот на Илинденците напред, а тоа е европскиот пат кој го избравме. Ја имаме шансата да дебатираме и економските да се развиваме со европските демократии. Ние генерациите ја имаме можноста да отвориме ново светло поглавје во македонската историја. Ние сме сигурни во европскиот концепт кој што е определба на мнозинството граѓани на Република Северна Македонија. Илинден е и ќе биде нашата сила за европска иднина. Борбата мора да продолжи, затоа што слободата се чува, а иднината се освојува“,

заклучи премиерот.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.