Ликвидациите на Панче и Вања фрлија ново светло врз нерасчистени случаи: Што го поврзува Палевски со скопјанец, кој мистериозно исчезна пред 2 години?

news
Advertisement

По обелоденувањето на двојното убиство, се проверуваат нерасветлени случаи, какошто е исчезнувањето на скопјанецот Роберт Плескоњиќ пред точно 2 години, кој претходно имал интензивна комуникација со Љупчо Палевски-Палчо, главен осомничен за ликвидациите на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, пишува „Фокус“.

Advertisement

Додека чека екстрадија од Турција, главниот осомничен за убиствата на 74-годишниот фризер од Велес Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје – Љупчо Палевски, се проверува дали тој и неговите соучесници Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев сториле и други кривични дела, односно дали имаат поврзаност со се уште нерасветлени случаи, пишува последниот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

По убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, надлежните најавија дека треба да се влезе во проверка и на нерасчистени злосторства, со цел да се утврди дали во позадина стои Љупчо Палевски, кој од страна на неговите соработници Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев беше посочен како организатор на групата и воедно егзекутор.

–Сите овие аспекти сега влегуваат во проверка. Добро е прашањето зашто се ова мора да влезе во проверка и за нешто нерасчистено и претходно. Но, до овој момент немаме такви сознанија – рече шефот на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски, на заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговорајќи на прашање дали се проверува евентуалната поврзаност на Палчо со други убиства?

Во тој контекст, поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчевски порача дека треба да се отвори и случајот со малата Билјана Србиновска, чие киднапирање и убиство имаат многу сличности, пред се поради тоа што, исто како и Вања, исчезнала од урбана средина, а најдена е закопана во близина на Бразда.

– Билјана Србиновска во 1989 година била киднапирана на сличен начин како и Вања, од влезот на зградата во Карпош 2 каде што живеела или во непосредна близина, чие тело било пронајдено исто така во атарот на селото Бразда, само на различна страна. Полицијата треба да го отвори и тој случај – рече Ѓурчевски.

Засега нема информации за поврзаност меѓу убиството на Вања и она на Билјана од пред 35 години, но „Фокус“ дознава дека полицијата сега од поинаков аспект го третира исчезнувањето на скопјанец пред точно 2 години. Тој исчезнал во населбата Аеродром и до ден денес не се знае ништо околу неговата судбината. Непосредно пред да исчезне, имал интензивна комуникација со Палчо.

Станува збор за Роберт Плескоњиќ, кој исчезна на почетокот на почетокот на 2022 година. На 15.01.2022 медиумите објавуваат вест дека Плескоњиќ е пријавен за исчезнат, а последните достапни информации говорат дека е виден на 5-ти јануари во околината на Новата железничка станица, кадешто и живеел. Оттогаш му се губи секаква трага.

Тогаш, медиумите известија дека излегол од дома и не се вратил, па негови роднини го пријавиле во МВР на 6-ти јануари. Денес, Плескоњиќ фигурира и на листата на МВР на исчезнати лица, каде, покрај неговата фотографија, пишува дека е роден во 1960 години во Скопје. Неофицијално, откако се видел со пријатели, целосно исчезнува иако немало никакви индикатори дека сакал да побегне или пак да се повреди.

Според информациите на „Фокус“, тој не е фатен на ниту една камера и никогаш не е пронајден неговиот телефон, никогаш не е најден ниту жив, ниту мртов. Од него нема никаков сигнал, ниту полициската истрага дала некаков резултат, што го остава неговото семејство да живее во агонија, прашувајќи се што би можело да се случи.

Сепак, исчезнувањето на Плескоњиќ доби друга димензија откако се дозна дека Палчо убил старец и девојче, бидејќи двајцата биле во контакт пред да го снема на почетокот на 2022 година. Нашите потврдени информации говорат дека тие одржувале комуникација, со тоа што информациите варираат во однос на тоа дали тоа била вообичаена куртоазна комуникација или пак имале одредени зделки.

Нашите извори велат дека Плескоњиќ имал неколку должници на кои своевремено им позајмил пари, но тие не му ги вратиле. Затоа, според нив, тој барал човек што би можел да ги наплати тие долгови, а за возврат да задржи дел од нив. Токму во таа комбинација влегол Палчо, кој, покрај останатото, се занимавал и со наплата на долгови.

Покрај тоа, има уште една заедничка точка меѓу нив двајца. Според нашите информации, Плескоњиќ финансирал и одредени активности околу ископ на злато, а, како што е познато, со тоа се занимавал и Палчо, како и убиениот Панче. Згора на тоа, Палевски е фатен од полиција додека копал злато во Демир Капија, но безмалку не пртрпел никаква санкција, иако незаконски носел пиштол.

И последно, Плескоњиќ бил еден од основачите на здружение за правата на Србите во Македонија, а во организациски и логистички работи помагал и Палевски. Се на се, тоа се повеќе од доволно индиции да се испита дали Палевски е виновен за исчезнувањето на Плескоњиќ, но и за многу други луѓе. Се обративме до МВР, но не добивме официјален одговор околу истрагата на Плескоњиќ.

Во рамки на оваа сторија, објавуваме и нови информации во врска со убиствата на Панче и Вања. Имено, според информациите на „Фокус“, клучен момент за решавање на случајот се проверките на возилото на Панче откако тоа било опожарено, по што било доведено во корелација со Палевски и неговата дружина, па клопчето почнало да се одмотува. Пред да ја убие, тој ја испрашувал Вања во врска со станови што ги поседува нејзиното семејество.

ИЗВОР. https://fokus.mk/likvidatsiite-na-panche-i-vana-frlija-novo-svetlo-vrz-neraschisteni-sluchai-shto-go-povrzuva-palevski-so-skopjanets-koj-misteriozno-ischezna-pred-2-godini/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.