Повеќе од 800 луѓе се спасени во изминатите два дена од големите поплави во Грција, соопштија локалните власти, откако обилните врнежи ги претворија улиците вореки, урнаа згради и мостови и оставија цели села под вода.
Невремето ги погоди и соседните Бугарија и Турција, при што загинаа најмалку 14 луѓе низ трите земји, вклучително и четворица во Грција.
Грчкиот регион Тесалија, земјоделскиот центар на земјата, беше најтешко погоден од, како што го нарече владиниот портпарол Павлос Маринакис „најголемиот феномен на поплави што нашата земја некогаш го доживеала“. Пристанишниот град Волос, околната планинска област Пелион и градовите Кардица и Трикала беа меѓу најтешко погодените области. Врнежите траеја со денови, но од попладнево се очекува да ослабнат, соопшти Метеоролошката служба на Грција.
Сега се во тек спасувачките операции за да се обидат да стигнат до заглавените во поплавите, каде на места водата надмина два метри.
Видеата објавени од грчките медиуми и на социјалните мрежи покажуваат дека жителите на едно село во близина на градот Кардица се принудени да пливаат на безбедно откако нивните домови биле поплавени. Други селани беа видени како се качуваат на нивните покриви, единствениот дел од нивните домови непотопен, за да повикаат помош.