Македонија ќе ја има, ако ја чуваме, а ние очигледно одамна кренавме раце!

news
Advertisement

Како се брани државата? Со дела, секако! Како ја браниме ние? Никако! Секој индивидуално, колку може и колку знае, и колку има време. Со сопствени сили и сопствен буџет, аматерски стихијно, и место со поддршка, со сопки од системот.

Advertisement

Културата ни е тезгаџиска, клановска и партиско етнички поделена. И кога се прави нешто, секој гледа да го „набилда“ сопственото его, име и џеб, затоа што нема веќе кој да се замара за трајни вредности.

Образованието ни е на колена. Поделено е јазично, а со тоа и на две паралелни реалности, плус е дејност која се занимава со трговија со дипломи, а не на знаење и вештини. Школи, факултети и универзитети, како никогаш до сега, а млади нема, кадри нема. Нема стручни лица во еден куп дејности, ама има еден куп со дипломи по човечки ресурси, менаџмент и бизнис администрација.

Што ни треба?

Потребни се стручни школи и курсеви за еден куп кадри, како што се водоводџии, електричари, ракувачи со разни машини, возачи со Ц, Д и Е категорија, негувателки. Потребни се наставници по математика, физика. Потребни се лектори па македонски јазик. Потребни се еден куп пред се млади лица кои би работеле испорака на храна и производи со Б категорија. На армијата и се потребни професионални војници. Потребни се градежни работници од секој профил.

Што не ни е потребно?

Уште администрација поставен ан измислени места, со фалц дипломи, која ништо не работи, а исполнува некаква етничка, партиска или фамилијарна квота. Во нормалните држави тие кои се носители на дејност се приоритет, додека техничките служби, обезбедувањето и добар дел од административните работи се работат надворешно со „аутсорс“. Трошиме на службени возила, кои сегде на запад освен за високите државни претставници ги нема. На запад оној кој има потреба да користи возило во работно време ми се плаќа надомест за бензин, а на неколку години по неколку илјади евра компензација за амортизација на сопственото возило, за да набави ново.

Кога сме веќе кај зачувувањето на државата, но најбитно јазикот, да потенцирам македонскиот јазик, битно е со закон да се детерминира секоја институција да има лектор, да се детерминираат топонимите затоа што секој почна да си ги преведува и адаптира на други јазици, да се каже што може да се преведе, а што останува во оригинална форма, да се потенцира во општините дека нема врска кој колку го има и колкава му е застапеноста, македонскиот секаде е основен и прв јазик. Секако, познавањето на истиот да е основа при државно вработување или добивање на државјанство, како и секаде во светот.

Битките кои се водат околу историјата, фолклорот, културата и севкупно етнички и национално минато не можеме да ги добиеме со овој однос. Немаме закон за електронски медиуми (мислам пред се на интернет медиумите) и креирање на база на податоци. Речиси и да немаме наши онлајн изданија на англиски, германски, шпански, француски. Самата битка на википедија со грците и бугарите ни е загубена, затоа што википедија се заснова врз релевантност на извори на одреден јазик, а ние нашата вистина ниту ја нудиме, ниту ја пласираме.

Едноставно, немаме поставен стратегија, изградено систем и реализација на програма и план. Се занимаваме се етничка и јазична делба од внатре, со религиски демагогии, а народот тоне во сиромаштија, го губи националното чувство, додека младите се иселуваат. Единствено мали лоби групи прават огромни пари. Нив им е секаде супер, пошто секогаш и во секое време можат да отидат или трајно да си заминат. Ама не им се остава вакво златно јајце во кое ќе го цедат овој припрост и заблуден народ. Самите се тешиме дека сме многу умни и способни, а еве неодамна под кој знае кој пат не потсетија дека со акалот (нивото на интелигенција) сме на дното на Европа, па претпоставувам и дека затоа се уште одредени ликови успеваат да не прават будали и да им ќутиме.

Проблемот го лоциравме, чарето се знае: Раст на човечките капацитети и внимателна селекција, рационализација на непотребниот кадар, целосна дигитализација и превод на странски јазици, зачувување и заштита на македонскиот јазик на сите нивоа, ставање ред во сферата на образованието и културата, преквалификација во дефицитарни кадри и право и правна држава. И да, секако, химната од градинка и на секој настан и манифестација, и државното знаме на секој објект, бандера, автопат, патарина, јарбол. Јазикот, знамето и химната се лична карта на една држава. Што пропратно се користи е споредно. Околу овие нешта, нема муабет, нема компромис.

Ова мало парче земја може да биде рајот за сите нас, ако го чуваме и почитуваме. Во спротивно ќе стане буре барут.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.