Ми рече малку ја удрил, а таа умре во болница, раскажува мајката на убиеното 2-годишно девојче од Кичево

news
Advertisement

Насилната смрт на двегодишната Асли Демиров од Кичево, која почина од свирепите и силни удари на сопствениот татко, ги покажа слабостите на институциите и системот. Насилство трпела и мајката на починатото девојче, која има уште шест деца со насилникот од кога добивала ќотек. Во СВР Скопје Фатмир Демиров (29) има дебело полициско досие со преку 50 кривични пријави, а дека неговата сопруга трпела насилство за кое не била ни свесна покажува изјавата на Портал Х во која Кадрија вели дека добивала шлаканици, но тоа било нормално.

Advertisement

„Ми ја донесе во несвест, ми кажа дека ја удрил и ништо повеќе. Само ми рече, Ја удрив. Ми наполни вода да ја освестам, а тој отиде кај другите деца, кои беа сами дома. Ја освестував, но не успеав и ја однесов во болница. И мене ме има удрено, нормално шамар, два. Еднаш го пријавив, па пак си дојдов, заради децата се вратив“, вели во изјавата за Портал Х мајката на убиеното девојче.

Таа во полициска станица по настанот кажала дека девојчето паднало од плакар, а не дека ја тепал таткото.

Мајка Кадриа, со 6 деца живее на 10 квадратни метри во импровизирана куќа. Децата немаат ни зимска облека, соседите ги хранат. Кој сака да помогне може да се јави на 070/995-673.

Таткото е во затвор, а најмалото девојче почина по тепањето од таткото. На дваесетина метри од куќата во која живее насилниот родител, живеат неговите родители. Мајката на приведениот Фатмир Демиров низ солзи вели дека да ѝ е пред очи, таа би го убила и би лежела во затвор. Тој не бил ниту еден ден на училиште, а неговиот брат починал од предозираност.

„Ќе го средев, јас ќе го одлежев. Сопствен син јас ќе го одлежев. За децата многу ми е тешко. Ова е лоша работа за една изгорена мајка“, низ солзи вели мајката на притвореникот за Портал Х.

Дебело полициско досие од пријави за насилниот татко, но ниту една за семејно насилство

Според податоците на СВР, Скопје таткото, кој е осомничен и е во притвор за смртта на малото девојче, имал пријави за кражби и тешки кражби и бил три пати во затвор, односно два пати по шест месеци и еднаш 3 месеци. Но од полицијата тврдат дека ниту една пријава до сега не била за семејно насилство и затоа никој од Центарот за социјални грижи не проверил како живеат децата што ги имал овој татко, а кои секогаш стојат во евиденцијата на пресудите.

„ОВР Кичево против Ф.Д. ( 30) од Кичево има поднесено повеќе кривични пријави за кривични дела од област на имотни деликти („кражби“ по чл. 235 од КЗ и „тешка кражба“ чл. 236 од КЗ). Тие се доставени до ОЈО Кичево. Тој е приведуван и лишуван од слобода и против него, од 2011 до 2023 година, ОВР Кичево има поднесено околу 50 кривични пријави за сторени кривични дела по член 235 и 236 од КЗ. Во 2013 година со судски пресуди, Ф.Д. во два случаи бил осуден на затворска казна во траење од 6 месеци и 1 затворска казна во траење од 3 месеци. Ги издржувал во Казнено-поправната установа „Затвор-Битола“. До овој момент, во ОВР Кичево не е пријавен друг настан за семејно насилство сторено претходно од Ф.Д.“, стои во одговорот од СВР Охрид за МКД.мк.

Полицијата ја проверувала изјавата на мајката дека малечкото девојче, кое почина по 22 дена престој во болница, паднало од плакар, а случајот, како што појаснуваат за МКД.мк, бил пријавен во Центарот за социјални работи Кичево по два дена бидејќи се чекал извештајот на лекарите за повредите на детето.

„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д. (30) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело убиство. Тој на 18.12.2023 година околу 21 часот во неговата семејна куќа во Кичево, при вршење семејно насилство, со физичка сила ѝ нанел тешки телесни повреди на неговата двегодишна ќерка, која била пренесена за давање лекарска помош во Општата болница во Кичево, а потоа во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што на 8.1.2024 починала. Судија на претходна постапка при ОС Кичево на Ф.Д. му одреди мерка притвор од 30 дена, по што е спроведен во Казнено-поправната установа Затвор-Битола“, соопштија од полицијата откако девојчето почина по 22 дена минати во болница со скршени ребра и повреди на главата.

Државава има дури 80 здруженија за социјална заштита запишани во Регистарот

Во Уставот на државава се дефинирани вредностите и должностите во однос на заштитата на правата на децата преку заштита на семејствата и децата. Значаен број нови стратегиски документи даваат насоки и приоритети за превенција и заштита на децата од насилство, но се чини голем дел е само на хартија. Државава има дури 80 здруженија запишани во Регистарот на здруженија од областа на социјалната заштита, а тоа значи и заштита на правата на децата.

Според членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон. Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата. Децата се должни да се грижат за старите и изнемоштени родители. Републиката им обезбедува посебна заштита на децата без родители и децата без родителска грижа.

Членот 41, пак, предвидува дека право на човекот е слободно да одлучува за создавање деца. Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика.

Владата со документи се заложи за мисија со која децата ќе живеат во сигурно и безбедно општество

Владата на седница во декември 2019 година ги разгледа и усвои Стратегијата и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство во Република Северна Македонија.

Националната стратегија (2020-2025) и Акцискиот план (2020-2022) ги претставува визијата, целите, стратегискиот пристап на Владата и активностите што треба да се преземат и унапредат при превенција и заштита на децата од сите видови насилство. Мисијата е создавање сигурно и безбедно општество за децата со нулта-толеранција за насилство во каква било форма и во кое било опкружување.

И двата документи беа подготвени од Националното координативно тело за превенција и заштита на децата од злоупотреба и занемарување. Во подготовката учествуваа претставници од Министерството за труд и социјална политика и од други министерства, како и од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје и други граѓански организации.

„Државата има обврска да примени мерки и активности за спречување на насилството врз децата и да обезбеди соодветна заштита на детето од сите видови насилство во сите опкружувања и услови: во семејството, во установите за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, во училиштата, во институциите за домување и во институциите во поширокото општествено живеење. Иднината на секое општество зависи од неговата способност да го негува здравјето и благосостојбата на следната генерација деца. Денешните деца се утрешни возрасни, работници и родители. Доколку не успееме да им обезбедиме на децата сигурно и безбедно општество како здрава основа за продуктивен и плоден живот, истовремено ја загрозуваме иднината, просперитетот и безбедноста на нашето општество. Сите ние како возрасни лица имаме лична одговорност за намалување на насилството врз децата и обезбедување поддршка и заштита на сите деца во нивните семејства и заедници“, стои во погоре споменатите документи.

Анализата на официјалните податоци и податоците од релевантните истражувања што се опфатени во овие документи на Владата укажуваат дека постои висока стапка на насилно воспитување на децата од страна на родителите/старателите во земјата (72%), односно попрецизно 69,3% во македонската, а дури 82% кај ромската популација.

Најновите податоци од истражувањето спроведено кај родителите/старателите покажуваат дека дури 79% користат барем еден насилен метод при дисциплинирањето на своите деца (на пр. психолошка или физичка злоупотреба).

Оваа анализата укажува на нужната потреба за менување на нормите дека физичкото воспитување на децата е оправдано и дека е потребно поттикнување на ставовите за нулта-толеранција кон насилството.

Ова не е прв случај на убиство на дете по повреди од претепување. Џемаил Браими и Јасмина Махмуд во 2015 година добија затвор од по 20 години за убиство на 3-годишната Мевљана. Три минути ѝ требаа тогаш на судијката да ги наброи повредите на малото девојче, кое беше убиено со клоци, тупаници и со кабел, оти се измокрила на тепихот. На мајката на Мевљана ѝ беше кажано дека девојчето починало по пад од скали, а на оваа одбрана двајцата осудени останаа до крајот на процесот. Но вештаците потврдија дека девојчето починало од претепување.

Извор. https://mkd.mk/ja-donese-onesvestena-mi-reche-malku-ja-udril-a-taa-umre-vo-bolnicza-raskazhuva-majkata-na-ubienoto-2-godishno-devojche/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.