Наспроти резолуцијата на Европскиот парламент: Русија тешко дека ќе ѝ ги врати стотината тони злато на Романија

news
Advertisement

За време на Првата светска војна, тогашното Кралство Романија испратило со воз на чување во Москва 91,5 тони златни прачки и монети, накит, скапоцени камења, уметнички слики и национално културно богатства со непроценлива вредност

Advertisement

Европскиот парламент побара до Русија да ѝ го врати на Романија златото и другите вредни предемети што за време на Првата светска војска биле испратени во Москва привремено да ги чува од грабеж. Резолуцијата од Европскиот парламент не е обврзувачка и малку е веројатно дека Русија навистина ќе го врати златото што ѝ било доверено на чување пред повеќе од еден век.

За време на Првата светска војна, тогашното Кралство Романија испратило со воз во Москва 91,5 тони златни прачки и монети. Во железничка композиција со 21 вагон биле натоварени златото, како и накит, скапоцени камења, уметнички слики и национално културно богатства со непроценлива вредност. Обезбедувано од 200 жандарми во посебен воз со четири вагони, златото тргнало од Јаши за Москва и никогаш повеќе не се вратило во Романија. Вкупната сума на товарот е грубо проценета на денешни 5 милијарди долари.

По две години неутралност, Кралството Романија во 1916 година ѝ се придружило на Антантата на чело со Руската Империја, Британската Империја и Франција, и им објавило војна на Централните сили, на чело со Германското Царство, Австроунгарија, Отоманското Царство и Бугарија.

За време на Првата светска војна Букурешт бил под окупација на Централните сили, а романската администрација била во Јаши. Романија, земја со најголеми извори на нафта во Европа, како и огромен потенцијал за производство храна, била поделена на која страна да ѝ се придружи – кралот Карол Први бил на страната на Германија, а политичката елита ја претпочитала Антантата. По смртта на Карол во 1914 година, новиот крал Фердинанд застанал на страната на елитата и ѝ се придружил на силите на Антантата, со приоритетна цел да ја припои Трансилванија, тогашна унгарска провинција со 2,8 милиони Романци и уште 2,2 милиони други жители. Но, по низа порази на бојното поле, кралот и владата стравувале од евентуален порази и пљачкосување на трезорите, поради што решиле самите да ги испразнат и да ги пратат на чување кај некој од сојузниците. Првичните планови биле златото да ѝ биде предадено на Банката на Англија или на САД, но немало начин безбедно да се транспортира. Наспроти советите да го испрати златото во Данска, премиерот Јон Братјану се решил за Москва, бидејќи Русија многу ѝ помогнала на Романија на почетокот на војната.

Тоа се покажало како катастрофална грешка, бидејќи по Октомвриската револуција во ноември 1917 година Русија се повлекла од војната, а болшевиците што дошле на власт го конфискувале романското злато.

По војната Романија низа пати попусто барала од Советскиот Сојуз да ѝ ги врати златото. Некои скапоцености од културното наследство, документи и архивски материјали, биле вратени во повеќе фази во периодот од 1935 до 1956 година, но не и златото.

Во 2003 година властите во Букурешт и Москва формирале заедничка комисија за подобрување на односите, но со главна цел да го реши прашањето со кралското злато.
По уште две децении попусти напори, Европскиот парламент во четвртокот изгласа необврзувачка резолуција со која од Москва се бара да ѝ го врати златото на Романија. Резолуцијата ја предложил романскиот певропратеник Евген Томак, поддржан од Националната банка на Романија.

– Ова е историско гласање за важно прашање за националното достоинство. Романија не може и не смее да прифати ништо помалку од враќањето на 91,5 тон злато и сето културно богатство – порача Томак по гласањето.

Тој признава дека речиси и да нема шанси Романија да го добие златото, но додаде и дека никогаш не смее да се откаже од него.

Се претпоставува дека „романскиот трезор“ во Кремљ не останал запечатен долго време. За време на Втората светска војна некои сандаци биле префрлени „на уште побезбедни локации“.

Дел од документите и архивите што ѝ биле вратени на Романија не биле целосни и очигледно биле отворени од запечатените пакети.

Како поука од лошата проценка, на почетокот на Втората светска војна Националната банка решила да не ги пренесува надвор од Романија тогашните вредности и златото.

Тие биле скриени во пештера во регионот Горџ, каде што останале безбедни и по војната биле вратени во трезорот.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.