Левица денеска оддаде почит пред споменикот на Свети Климент
Охридски, објавија од партијата на Фејсбук каде споделија и неколку фотографии од настанот.
– По повод чествувањето на Св. Климент Охридски, како еден од најсветлите празници на македонскиот народ, делегација на Левица, предводена од членот на Президиумот, Реџеп Исмаил – Хактан, денеска положи цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски на истоимената Национална и универзитетска библиотека во Скопје.
Делото на Св. Климент Охридски претставува огромна цивилизациска придобивка на македонскиот народ. Покрај ова, Св. Климент е еден од најистакнатите ученици на солунските браќа, Св. Кирил и Методиј, а воедно е и основоположник на македонската просветителска и духовна дејност. Свети Климент Охридски е и првиот македонски архиепископ и основач на Охридската книжевна школа, попозната како „Прв словенски универзитет“, што го прави најзначајен македонски средновековен писател и педагог.
Поради фактот што владиниот протокол по повод овој наш голем празник беше организиран како еден вид заедничко чествување со бугарска делегација, и на тој начин легитимирајќи ги и дополнително поттикнувајќи ги велико-бугарските аспирации и намери во тоа континуирано да го узурпираат македонскиот простор и отворено да ја негираат македонска историја, потеклото на јазикот, писменоста, културата и македонизмот во целина, делегацијата на Левица чествувањето го направи надвор од протоколот.
Класното ослободување од прангите на капитализмот не е можно без национална слобода. Честит и вековит денот! – напишаа од Левица на Фејсбук.