НЕ Е ДОБРО, НО СПРЕМАМЕ КОНТРАОФАНЗИВА Зеленски вели дека Украинците се посилни од тоа што биле лани

news
Advertisement

„Не можам да ја опишам ситуацијата како добра, но ние се бориме. Посилни сме од пред една година“.

Advertisement

Вака во интервју за Ал Арабија ја опиша украинскиот претседател Володимир Зеленски состојбата на фронтот кај Бахмут, пренесува Укринформ. Тој потврди дека Украина спрема пролетна контраофанзива и вели дека е уверен дека неговата земја е способна да ја одбие руската окупација и рече да се занемарат протечените американски документи од Пентагон во кои беше наведено дека украинската армија кубури со муниција.

Зеленски останува на ставот дека Украина нема да се откаже од клучниот Бахмут бидејќи ако Русите го заземат тоа би можело да им биде отскочна даска за освојување на Краматорск и Славјанск, големи градови во Доњецк.

– Вистината е дека Русија нема да застане на Украина и тоа им е јасно на сите. Затоа, се обраќам кон нашите сојузници, поддржете нè бидејќи ова е пред сè евтина цена што треба да ја платите бидејќи Русија ќе оди подалеку од ова – рече тој и додаде дека рускиот претседател Владимир Путин се бори за живот во Украина, не за неговата земја.

Борбите во Бахмут уште траат, а Киев Индепендент објави дека се случила престрелка меѓу единици на платеничката група Вагнер и руската војска во окупираниот град Станица Луханска во Доњецк. „Двете страни (различни руски сили) се обидуваат да ја префрлат одговорноста за сопствените тактички погрешни проценки и загуби една на друга“, се вели во извештајот на Главниот штаб на украинските сили.

Се додава и дека има жртви и од двете страни во конфликтот.

Познато е дека Вагнер често влегуваше во вербални препукувања со руската армија, а финансиерот на групата, Евгениј Пригожин, го обвини руското Министерство за одбрана дека не ја снабдило групата со доволно муниција и објави слика од десетици мртви.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.