Не е само ковид: Седум главни фактори зошто во светот има сè повеќе заразни болести

news
Advertisement

Освен ковид, оваа година се појавија и мајмунските сипаници, пареховирус, а минатата недела беше објавено дека во отпадните води во Њујорк е откриена детска парализа, што е одраз на многу необичен тренд што пролетта беше забележан во лондонските канализации.

Advertisement

Ви претставуваме седум фактори што доведуваат до појава на епидемии на различни болести.

1. Луѓето и животните имаат повеќе блиски контакти
Имајќи предвид дека климатските промени го менуваат начинот на живот на луѓето, но и на животните, а потрошувачката на месо на глобално ниво достигнува највисоки нивоа, луѓето многу почесто од порано доаѓаат во контакт со најразлични животни. „Нарушена е интеракцијата меѓу луѓето и животните“, рекол д-р Лери Брилијант, кој помогна да се искоренат сипаниците.

Светската здравствена организација (СЗО) во 2014 година процени дека 75 отсто од денешните патогени потекнуваат од животни. Преку интеракцијата на луѓето и животните и ковид почна да се шири меѓу луѓето. Ебола, ХИВ, МЕРС, САРС, грип и мајмунски сипаници може да се најдат и кај животните. Кога болеста се пренесува од животните на луѓето, секогаш постои потенцијал за ново избивање епидемија.

„Првиот фактор што го поттикнува преносот е зголемената интеракција помеѓу луѓето и животните, во средини кои не се целосно природни или средини што се различни од оние што биле во минатото“, рекол д-р Џеј Варма, експерт за контрола и превенција на болести.

Силна улога има и уништувањето на шумите, сточарството и нелегалната трговија со диви животни. „Човечката популација сега е толку огромна што ќе се инфилтрираме во сите видови екосистеми, каде што ќе наидеме на нови организми – организми на кои немаме многу претходен имунитет“, додал здравствениот експерт Мадукар Паи.

2. Темпото на глобалните патувања и миграциите
Глобализираното и поврзано модерно општество најефикасно досега придонесува за ширење на болеста. Секоја заразна болест каде било во светот е оддалечена само еден лет од вас, пишува „Бизнис инсајдер“.

„Секогаш кога некој ќе се качи во авион, постои мал ризик да носи некоја нова болест. Колку повеќе луѓе патуваат со авион, толку е поголем ризикот“, вели д-р Ерик Рубин, главен уредник на „Медицинскиот весник на Нова Англија“.

Впрочем, вака на другите континенти се рашириле и мајмунските сипаници и детската парализа. Исто така, грипот исчезна една година, кога во 2020 година беа откажани сите патувања.

3. Влошување на климатската криза
Во трудот објавен во списанието „Природа“ на 8 август, се наведува дека поголемиот дел од човечките патогени на Земјата на некој начин ќе бидат „влошени“ од климатските промени. Многу од нив веќе се.

„Болестите што ги пренесуваат инсектите навистина ги менуваат своите обрасци, бидејќи инсектите што ги пренесуваат сега имаат многу поширок опсег“, рекол Рубин, наведувајќи го начинот на кој зика, болест некогаш присутна во Африка, се проширила во Азија и во Америка.

„Тропските предели се преселија во Европа и во Северна Америка“, рекол Варма.

4. Недоволна рутинска вакцинација на децата
За време на пандемијата, стапките на вакцинација се намалија во светот и тоа на начин што со децении не е документиран. СЗО тоа го нарекува „најголем континуиран пад на вакцинирањето на децата во приближно 30 години“.

Кога на тоа ќе се додаде и растот на антиваксерското движење во многу богати земји, поттикнато од дезинформации и колебање да се вакцинираат, неизбежно беше дека ќе има зголемување на ширењето на болестите што може да се спречат со вакцини по ублажувањето на мерките на затворање, социјално дистанцирање и носење маски. Сите ние мора да бидеме вакцинирани или сите ќе се соочиме со ризици“, рекол Варма.

5. Години на игнорирање на ширењето болести во земјите во развој
„Сите овие години Африканците имаа мајмунски сипаници и никој ништо не направи, никој не им даваше вакцини. А сега, одеднаш, богатите нации бараат и добиваат вакцини против мајмунските сипаници?“, рекол Паи.

На крајот, сите ја плаќаме цената за ваквото „архаично, парохиско“ и краткотрајно справување со болестите.
„Ако проблемот со мајмунските сипаници беше подобро решен во Африка, немаше да се прошири низ целиот свет. Ако ковид беше подобро решен во сиромашните земји, немаше да се појават нови варијанти. Ако еболата веднаш беше ограничена во Западна Африка и не се раширеше, немаше да стигне до САД“, рекол тој.

6. Нашата променлива перцепција за заканите од болести
„Знаењето и искуствата стекнати во пандемијата мора да го примениме и на заразните болести за кои сега читаме. Во некои случаи претерано се реагира. Се случува некое мало ширење во некој агол на некој пазар во Кина и одеднаш целиот свет полудува“, рекол Паи.

Научниците денес имаат подобри алатки за да видат што се случува, од секвенционирање на вирусите до тестирање, што ги немале во претходните години.

„Ковид навистина го промени начинот на кој ги забележуваме овие работи. Секој ден, некаде во светот, се појавува некоја болест“, рекол Рубин, додавајќи дека тоа се случува и затоа што денес на тоа посветуваме многу повеќе внимание од порано.

7. Сè уште не знаеме какво влијание има изложеноста на ковид врз нашиот имунитет
Заканите од нови болести се особено алармантни во моментов, бидејќи сè уште не ни е јасно каков ефект може да има ковид врз нашиот имунолошки одговор.

„Ќе научиме во наредните месеци и години дали ковид до одреден степен го нарушува имунолошкиот систем, правејќи нè почувствителни. Веќе сум загрижен дека преголемото потпирање на лекарите на рецепти за кортикостероиди и антибиотици за време на пандемијата може да поттикне повеќе габични инфекции, супербактерии и отпорност на бактерии“, рекол Паи.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.