Николоски, Милошоски, Силјановска – Во ВМРО-ДПМНЕ многу претенденти, анкети и желби за претседателски кандидат

news
Advertisement

Дваесет и две имиња се влезени во партискиот барабан на ВМРО-ДПМНЕ за кој партијата уверува дека се добри кандидати, кои сигурно ќе го победат убедливо фаворитот на СДСМ со 100.000 гласови во првиот круг. Позвучно е името на пратеничката Гордана Силјановска Давкова која на претходните избори ги измери силите и со мала разлика загуби од актуелниот претседател Стево Пендаровски. Таа не крие дека и овој пат размислува да се соочи со кандидатот на СДСМ, но за ова има и многу дилеми.

Advertisement

Многумина изненадува рејтингот кој според партиски информации, на анкетите го има професорот по уставно право и поранешен пратеник Александар Спасеновски. За широката јавност помалку познат, ниту потврдува ниту негира дали има претседателски амбиции.

Партијата сондира како кај членството котираат пратениците Александар Николоски, Антонијо Милошоски, поранешниот долгогодишен пратеник и висок партиски функционер Влатко Ѓорчев, па и експретседателката на ВМРО-народна Весна Јаневска, но и други партиски имиња и личности блиски до партиските ставови.

Посакувана варијанта за ВМРО-ДПМНЕ беше кардиологот Сашко Кедев, но тој во јавен настап беше дециден дека во трка за претседател не влегува бидејќи политички ангажман повторно за него е завршена работа. Тој во 2004 година беше поразен од Бранко Црвенковски. Партиски кулоари шпекулираа и со името на првиот човек на Алкалоид Живко Мукаетов, но и информираа дека тоа не било желба и опција за Мукаетов.

Партиска поддршка пак јавно побараа и ја најавија својата кандидатура доктор Вело Марковски и професорот Јове Кекеновски. И додека ВМРО-ДПМНЕ ги мери рејтинзите на оние кои би можеле да донесат најмногу гласови, надеж имаат во здружената албанска опозиција на Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами кои веќе најавија дека ќе имаат свој кандидат за претседател, но во вториот круг при евентуелен дуел меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, нивните гласови веќе ги бројат на свое конто.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека кандидатот ќе биде избран на партиската конвенција на крајот на јануари или на почетокот на февруари.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.