Официјално застаре случајот „Топлик“ на поранешно СЈО

news
Advertisement

Со измените на Кривичниот законик денеска официјално застаре и „Топлик“, случајот отворен од поранешно СЈО против поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за проектот „Сончев град“.

Advertisement

Случајот во меѓувреме се врати на повторно судење и застаре на првото рочиште во Кривичен суд откако таму дојде по втор пат. Обвинителот претходно изврши преквалификација на кривичното дело , а со тоа и се откажа од гонење поради настаната застареност.

Претходно Апелациониот суд ја укина пресудата за Сончев град по носењето на измените на Кривичниот законик. Со тоа, предметот се врати на повторно судење во Основниот кривичен суд, што предизвикува предметот за Сончев град да добие апсолутна застареност.

Апелацискиот суд одлуката ја донесе на 6 септември, истиот ден кога Собранието ги изгласа измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и се воведува горна граница.

Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, беше осуден на 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, каде што од Обвинителството беше гонет за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Димитар Димовски, кој бил член на комисија што спроведувала јавно наддавање за „Сончев Град“, а бил и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доби условна осуда, односно казна затвор од две години ако го повтори делото. Од другите членови на комисијата, Томче Ѓурчилов доби казна затвор од три години.

Веса Томчевска беше осудена на условна казна, а ќе издржува две години затвор ако во следните пет години направи ново кривично дело; Димитар Ѓаќев доби условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело; и Марица Тасева беше осудена на условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело.

Предметот „Топлик“ се однесуваше на продажбата на градежно земјиште за изградба на населбата Сончев Град во Сопиште. Делото злоупотреба на службената положба и овластување за кое се товарат Јанакиески и петмина обвинети е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013, што значи дека апсолутна застареност настапила во февруари 2023 година.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.