Од шеќер 19 не се умира, тврдат лекари – Од што почина тогаш 6-годишната Јана, згрешиле ли лекарите?

news
Advertisement

Зошто почина 6-годишната Јана? Клиничката болница во Битола е под вонреден инспекциски надзор. Комплетната документација ја чешлаат од обвинителството, полицијата, но се чека и вонредна инспекција од посебно формирана комисија од министерството за здравство. Во меѓувреме се земаат изјави од инволвираниот персонал и се разговара со сите кои имале контакт со девојчето.

Advertisement

Директорот на болницата во Битола Александар Обедниковски, побара од министерот да се испрати комисија од Скопје за да нема сомнеж дека нешто се крие.

Веста ја вознемири јавноста, особено откако таткото на малата Јана обелодени дека според анализите на крвта таа имала шеќер 9, а потоа и дале и гликоза со инфузијата со што шеќерот дополнително се покачил на 19, по што починала. Причините за смртта ги коментираат и лекари на социјалните мрежи.

Докторот Ненад Лазаров во статус на Фејсбук вели „Од гликемија 19 не се умира акутно“.

На неговиот пост колеги лекари ја коментираат состојбата и велат:

„Не се умира од гликемија, но се умира од кетоацидоза. Тешка загуба за родителите, но компликација на хипергликемија во детска возраст, акутна состојба каде се јавува и инсулинска резистенција има ваква компликација„

Со ова се сложуваат и други лекари.

„ Дијабетски хиперосмоларен синдром помислив прво“.

„Тоа е причината претпоставувам. Тоа се ургентни состојби во детска возраст кој може да завршат со егзитус за жал“.

Сепак сите се сложни дека треба да се почека обдукцијата да ја покаже точната причина за смртта по што ќе се знае дали се работи за лекарска грешка или не.

Додека се „чешла“ случајот и се чекаат резултатите, со краток коментар излегоа и министерот за здравство, Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски.

„Постапивме штом слушнавме. Таму веќе се инспекциските служби и кога ќе имаме информации ќе ги објавиме. Со семејството не сме контактирале, ќе го контактираме наскоро“, рече министерот Меџити.

„Разговаравме и вчера и утрово со министерот за здравство. Тука е и директорката на ДЗСИ, а веќе е отпочнат и вонреден надзор за тоа што се има случено во Битола. Директорот на битолската болница веќе е на пат за Скопје каде што ќе има состанок и со министерот и со заменик министерот за здравство, а дополнително информирано е и Јавното обвинителство во однос на овој случај, рече премиерот Ковачевски.

Шестгодишно девојче од битолското село Кравари, вчера почина на Детското одделение во Клиничката болница во Битола. Девојчето било донесено во болница околу 10 часот со симптоми на настинка, покачена температура и дијареа. Било примено на Педијатрија, каде што според информациите му била дадена терапија и инфузија. Состојбата на детето нагло се влошила и околу 14 часот починало.

Со оглед на фактот дека детето починало во болница веднаш е наредена обдукција.

Од обвинителството за А1он велат дека се преземени сите мерки за обезбедување на комплетната медицинска документација, а се чекаат и резултатите од обдукцијата за да се утврди од што починало девојчето. Во моментов не можат да дадат повеќе информации, велат обвинителството.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.