Оставете го Лавров на мира!

news
Advertisement

ЏАБИР ДЕРАЛА

Advertisement

Доаѓањето на рускиот шеф на дипломатијата на самитот на ОБСЕ во Скопје беше успешно на повеќе начини. Во што се состои успехот на Сергеј Лавров? Човекот, кој на таа функција е речиси две децении (од 2004), што е најдолг мандат на еден министер за надворешни работи од времето царизмот во таа земја – успеа да го сврти светското вниманието на себе и, уште еднаш, да злоупотреби една демократска платформа за своите мрачни цели.

На посебен, рашистички начин, се разбира.

Простачки и нахално, не почитувајќи ги дипломатските манири, тој се „прошета“ низ агендата на амбициозно подготвениот самит на ОБСЕ, го узурпира микрофонот и одржа чист пропаганден говор, полн со манипулации и дезинформации.

Со други зборови, Лавров ја искриви историјата, за да ја оправда мрачната и крвава сегашност што ја наметна злосторничката клика од Кремљ, каде што тој му припаѓа на самиот врв.

Тој, како и безброј пати досега, го злоупотреби своето учество и на овој меѓународен форум. Во манирот својствен на руската хард-кор пропагандна доктрина, ги замени тезите, ги искриви фактите и, не така суптилно, им се закани на западните демократии, на кои им припаѓа и земјата домаќин на овој важен меѓународен самит.

Тој, во својот долг говор, меѓу другото, ја откри следната цел на хибридната војна што ја води Кремљ против демократијата – Молдавија. Прашање на време е кога тие планови ќе бидат целосно ставени во функција. И не е единствена земја што е на воената мапа на злосторничкиот режим на Путин и компанија.

Но Лавров доминира со медиумските извештаи, на сосема поинаков начин. Пристапот на поголемиот дел македонските медиуми е очекуван – тие известуваат за доаѓањето на Лавров со нескриени симпатии или, во најдобар случај, со познатиот лажен баланс. Тие – во ниту еден ред или секунда од медиумското време – не им дадоа простор на општо познатите факти наспроти ноторните пропагандни наративи на шефот на руската дипломатија.

Едноставно, за дел од успехот на Лавров, не е заслужен тој самиот, туку домашните проруски играчи.

Најблискиот соработник на Путин (по кого е распишана меѓународна потерница за воени злосторства), успеа на македонската и меѓународната јавност да ѝ се наметне и со својата позната ароганција.

На новинарката што побара негова изјава за воената агресија против Украина ѝ одговори како простак, во сексистички манир, со коментар за бојата на нејзината коса. Значи, не одговори.

Но тоа не е единствениот израз на неговата дрскост и ароганција. Откако ги истури познатите пропагандни лаги и закани, среде престолнината на една демократска држава, тој стана и замина. Демократскиот дијалог е целосно непознат за неговиот идеолошко политички вредносен систем. Тој доаѓа и кажува, нема зошто да ги слушне аргументите на некој со кого не се согласува, бидејќи однапред ги дисквалификува.

Безобѕирен и груб, тој упати уште една арогантна порака. Покрај тоа што не остана по својот говор, да ги слушне контра аргументите, тој свикува прес конференција додека трае официјалната програма на самитот.

Со голема леснотија можеше да се претпостави дека голем број македонски новинарки и новинари ќе поитаат кај него. Се разбира, не да ги постават прашањата за бруталната агресија против Украина и за хибридната војна што ја води против демократијата во Европа и во светот, а не ги штеди ниту нашата земја и регионот, а секако ни Блискиот Исток, Африка и Азија – туку да му дадат простор да продолжи со својата пропаганда и безочни лаги. Накратко, снисходливите медиумски курири, му дадоа простор на рашизмот да се наметне и да се легитимира во домашниот јавен и политички дискурс.

За Лавров, Западот и НАТО се виновни за сѐ. Руската воена и платеничка машинерија води геноцидна војна против една мирољубива и демократска европска држава, како што е Украина, но за Лавров, верниот политички сопатник на оној злотвор во Кремљ, Западот и НАТО се виновни. Таа голема пропагандна лага која – речиси едногласно и целосно некритички – ја пренесоа македонските медиуми.

Сепак, наспроти сѐ, некои ќе го оценат неговиот настап на самитот на ОБСЕ како дебакл. Уште пред да пристигне во Скопје, тој „висеше“ во воздух – не му беше дозволено слетување на аеродромот, додека американските и британските дипломати се сликаа за „фемили фото“.

Кога му беше даден збор, голем број дипломати демонстративно ја напуштија салата. Македонскиот премиер одби да се сретне со него. Домаќинот на самитот, Османи, го пречека протоколарно, но со упадливо студен израз на лицето. Накратко, Лавров беше прописно маргинализиран.

Згора на тоа, не изостана ни пораката дека не е добредојден. ЦИВИЛ излезе со соопштение во кое не штедеше зборови на осуда и протест.

„Лавров НЕ Е ДОБРЕДОЈДЕН! Посета од претставник на рашистичкиот режим е прифатлива само како сведок на обвинителството за ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА И ГЕНОЦИД!“, соопшти ЦИВИЛ.

Како што напиша колегата Мишев во „Серјожа го виде НАТО“, руските пропагандисти се обидоа доаѓањето на Лавров во Скопје да го претстават како триумф на руската дипломатија.

„Набрзо се уверија токму во спротивното“, напиша колегата.

Како и да се оцени оваа епизода, останува грдиот впечаток за минирање на еден исклучително важен настан за меѓународната политика во режија на Лавров, со помош на домашните колаборационисти.

Лавров, наспроти мрачната сенка на крвавиот режим што го следи, во суштина е комичен лик. Додека го држеше својот неславен говор, на упадот од публиката, одговори со „оставете ме на мира“ (Leave me alone).

Освен дека му недостасуваат манири и познавање на јазикот, тоа открива и една посебна психолошка состојба – чувство на загрозеност, но и нелагодност.

Одговорот на тоа барање, да биде оставен на мира, е едноставен: Не, Лавров, оставете нѐ вие на мира!

Извор. https://novatv.mk/ostavete-go-lavrov-na-mira/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.