Во тешка несреќа што се случила вчера во станбена зграда во изградба во Охрид, трагично почина младиот фотограф, снимател и продуцент Кристијан Љушев (28). Според неофицијални информации, тој паднал во окно од лифт, а причините за несреќата засега не се официјално потврдени.
Како што пренесуваат локалните медиуми, Љушев околу 15 часот бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде лекарските екипи се обиделе да го реанимираат, но за жал, повредите биле фатални.
Кристијан беше добро познат на охридската и пошироката македонска сцена како дел од новата генерација креативци. Преку својата продуцентска куќа „Шпанец“ работеше на бројни видеоспотови, документарни емисии, реклами и интернационални проекти, соработувајќи со повеќе познати музички и уметнички имиња.
Особено препознатлив беше по проектите инспирирани од македонската традиција, култура и духовност, како и по визуелното документирање на животот во Охрид и регионот. Дел од неговата работа беше поврзана и со проекти за Бигорскиот манастир.
Колеги и пријатели на социјалните мрежи се простуваат со пораки полни тага, истакнувајќи дека заминал автор со јасна визија, голем талент и искрена посветеност, чиј творечки пат згасна прерано.