Партиите во „финале“ пред избор на претседателските кандидати

news
Advertisement

Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници почнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).
Најголемите политички партии се уште не ги објавиле имињата на своите кандидати за претседател, а се уште се работи и на анализите за кандидати за пратеници.

Advertisement

Највисокото изборно тело по распишување на изборите на 14 февруари ги интензивираше активностите за спроведување и организирање на изборите. Државната изборна комисија на седница усвои Правилник за собирање потписи, а тече и рокот за пријавување за гласање на претседателските избори на 24 април и парламентарните на 8 мај. Во тек е исто така и едукацијата за членови на избирачката администрација.

Кампањата за претседателските избори на 24 април, почнува на 4 април и трае до 22 април кога почнува молкот кој трае до 24 април, додека изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај. За време на молкот за претседателските избори ќе се одвива изборната компања за парламентарните избори. Ова, како што појаснија минатата недела во ДИК, е уникатна и единствена ваква ситуација досега.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски вчера појасни дека додека трае молкот за претседателските избори продолжува кампањата за парламентарните избори.

-Би сакал да кажам во врска со една моја изјава, сакам да прецизирам, со оглед дека се поклопуваат кампањите за претседателски и за парламентарни избори, законот е јасен дека има предизборен молк за претседателски избори на 22 април и трае до 24 април. Нема да се поклопи со другиот молк (за парламентарни избори). Да не должиме да нема забуни, рече Даштевски на седница на ДИК.
Партиите во „финале“ за избор на претседателските кандидати

Јавниот оглас за пријавување на претседателски кандидати на ВМРО-ДПМНЕ завршува денеска до 17 часот. До вчера претпладне, според претседателот на партијата Христијан Мицкоски, немаше поднесено ниту една кандидатура, па, така се очекува тоа да биде направено во текот на следните часови.

Медиумите повеќе пати пишуваа дека неофицијалните кандидати во ВМРО-ДПМНЕ се професорката Гордана Силјановска Давкова и професорот Александар Спасеновски. Очекувањата се дека ќе биде објавено кој се пријавил на јавниот оглас, а на 2 март на конвенција да биде промовиран претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера не кажа дали неделава СДСМ ќе го соопшти претседателскиот кандидат. Ковачевски повтори дека конгресот на кој што се соопштува претседателскиот кандидат ќе биде или на крајот на овој, или на почетокот на идниот месец.

-Нашиот претседателски кандидат се залага за интегреирање на Македонија во ЕУ, за градење на општество во кое секој поединец ќе биде третиран на ист начин без разлика на неговата етничка или која било друга припадност, бидејќи ние сме имале во држава времиња кога не бил ист третманот за сите, додаде Ковачевски.

За тоа како ќе влијае на СДСМ тоа што ДУИ ќе има свој кандидат на изборите, Ковачевски рече дека со ДУИ уште пред една година разговарале за предизборна коалиција со цел обезбедување на поширок консензус во делот на интегрирање во ЕУ, но одлуките зависат од расположението на партиското членство и од анализите и анкетите.

-Легитимно право е на секоја политичка партија да кандидира свој претседателски кандидат и согласно динамиката на политичките процеси очекувам сите оние кои ги делат нашите вредности да го поддржат нашиот кандидат, додаде Ковачевски.

Тој посочи дека СДСМ ќе има свои носители во сите изборни единици, а дали дел од тие пратенички листи ќе бидат претставници од ДУИ или од други политички партии кои не се традиционално со СДСМ во коалиција, тоа сепак ќе го покажат анализите и одлуките на партиските органи.

На новинарско прашање дали ДУИ и СДСМ ќе остварат средба неделава на која ќе се разговара за заеднички листи, Ковачевски рече дека таква средба не е закажана.

И ДУИ се уште не го објавув претседателскиот кандидат. Најавија дека тоа ќе го направат неделава.Лидерот на ДУИ Али Ахмети нема да прифати кандидатура за претседател на државата.

-Господинот Ахмети има мисија, а не е претендент за функција колку што знам. И мислам дека нема да прифати да биде кандидат. Нема потреба тој да покажува кој е и колку е после 50 години свој придонес во нештата во оваа држава, и за оваа држава и за граѓаните во оваа држава. Така што, негова мисија е Европа, Европска унија и си работи на таа мисија, рече вчера техничкиот премиер Талат Џафери.

Министерот за политички систем и член на ДУИ, Артан Груби завчера во телевизиско гостување потенцира дека се споменуваат повеќе имиња како можни кандидати, но, како што рече, се уште немаат донесено одлука. Ахмети, посочи тој, колку што го знам ќе остане на својата определба за мисија, а не за функција.

Арбен Таравари како предлог на албанската опозоција, Билјана Ванковска од Левица и независниот Вело Марковски веќе соопштија дека ќе собираат потписи за да можат да станат претседателски кандидати.

Партијата „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“, предводена од актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, в четврток во Скопје на Првиот конгрес на партијата се очекува да го објави кандидатот за претседател на партијата.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.