Пендаровски од Прага: ЕУ да го зголеми присуството на Западен Балкан за да го задржи кредибилитетот

news
Advertisement

Пендаровски разговарал со чешкиот претседател за македонските аспирации за членство во ЕУ, партнерството во НАТО, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина
Претседателот на државата Стево Пендаровски од денеска е во официјална посета на Чешка каде што беше пречекан со највисоки државни и воени почести од својот чешки колега Петр Павел.

Advertisement

Двајцата имале тет-а-тет средба на која зборувале за односите помеѓу двете држави, но и за македонските аспирации за членство во ЕУ, партнерството во НАТО и за состојбите во поширокиот регион. Имало и пленарен состанок на делегациите, а Пендаровски и Павел одржаа и прес-конференција.

Пендаровски во обраќањето потенцира дека Чешка е докажан партнер на земјава, како и оти била меѓу првите кои во услови на крајно сложени политичко-безбедносни состојби, какви што беа мигрантската криза и пандемијата со ковид-19, од првите моменти ни даде конкретна поддршката и помош.

„Она, пак, што особено го цениме е недвосмислената и отворена поддршка на македонските евроинтеграции и пристапните преговори што ги водиме, со цел имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ“,

Од Прага, заедно со чешкиот претседател, тој упати порака и дека стабилноста и безбедноста на регионот зависат од европската перспектива и затоа ЕУ мора да го зголеми присуството.

„Со претседателот Павел сме согласни дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, како и неговиот демократски развој, зависат од неговата европска перспектива, што е причина повеќе Европската Унија да го зголеми своето присуство во нашиот регион за да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување“,

Тие зборувале и за билатералните односи на Северна Македонија и Чешка за што, како што рече претседателот, констатирале дека во шест-седум години има постојан прогрес на економски план и пораст на трговската размена.

„Затоа е императив да продолжиме со иницијативи со кои ќе ја унапредуваме нашата договорна рамка која служи како платформа која овозможува уште подобра соработка меѓу чешките и македонските стопанственици. Во оваа пригода посебно сакам да ја поздравам иницијативата за формирање на Македонско-чешка бизнис-асоцијација. Нашите очекувања се дека енергетскиот сектор, транспортната инфраструктура, ИТ-секторот, земјоделството, прехранбената индустрија, како и заштитата на животната средина, во иднина треба да бидат наш заеднички приоритет, како области во кои имаме широки потенцијали за интензивирање на соработката“, рече Пендаровски на прес-конференција.

Претседателот за време на официјалната посета во Чешка ќе има средби и со претседателот на Сенатот на парламентот, Милош Вистрчил, со претседателката на Домот на пратениците на парламентот, Маркета Пекарова Адамова, како и со чешкиот премиер, Петр Фиала.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.