Лога го повикува Уставен суд да одлучи за Упатството за водење на матични книги

news
Advertisement

Министерот за правда Кренар Лога го повика Уставниот суд да донесе конечна одлука за Упатството за водење на матичните книги, откако минатито месец Судот со времена мерка го сопре спроведувањето на упатството, според кое, во изводите од матичните книги на родените требаше да биде впишана и етничката припадност.

Advertisement

– Како министер за правда пред неколку дена се обратив до сите почитувани судии на Уставниот суд во врска со предметот каде е оспорена уставноста и законитоста на Упатството за водење на матични книги, а за кој Уставниот суд на седницата одржана на 05.07.2023 година донесе времена мерка, односно запирање на извршување на поединечни акти кои произлегуваат од конкретното Упатство, сѐ додека Уставниот суд не донесе конечна одлука во тој случај – вели министерот Лога.

Од Уставниот суд за конкретниот предмет, додава тој, побарав да постапи согласно своите уставни надлежности и да донесе мериторна одлука.

– Да донесе решение согласно веќе заземениот став од 2004 година каде што за исто прашање Уставниот суд во тогашното Решение одлучил дека „Уставно определениот рок за објавувањето не може да се прифати дека е уставна норма со ограничувачка цел во однос на примената на прописите кои се објавени со пролонгирање на рокот и влезени во правниот поредок, бидејќи таа норма е дел од целината на уставните норми за гаранциите на слободите и правата на граѓаните на кои и во ваков случај неспорно им е обезбедено и исполнето гарантираното право на објавување, заради запознавање со законите и другите прописи во правниот поредок” – повика Лога.

Министерството за правда очекува Уставниот суд во најкус рок да постапи согласно веќе воспоставената пракса од причина што различната јуриспруденција на Уставниот суд за исти прашања доведува до загрозување на правната сигурност и владеење на правото како една од темелните вредности на нашиот уставен поредок, додава министерот.

Уставниот суд минатиот месец донесе мерка привремено да не се издаваат изводи од матични книги со графата националност, предвидена во новото Упатство. Судиите одлучија да поведат постапка за утврдување на уставноста на Упатството за водење матични книги поради непочитување на уставно пропишаниот рок од седум дена за негово објавување во „Службен весник“. Министерот Лога тогаш ја прифати одлуката на Уставен како исправна, но најави дека за најкус рок ќе подготви ново, прочистено упатство.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.