Петровска на Школата за политики: Најголемата придобивка од членството во НАТО е сигурноста што граѓаните ја чуствуваат

news
Advertisement

Најголемата придобивка од членството на Северна Македонија во НАТО е сигурноста и безбедноста што нашите граѓани денеска ја чувствуваат, знаејќи дека се дел од едно големо семејство кое се грижи за заедничката, колективната безбедност, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во Охрид на предавањето на Школата за политики, која е дел од Претседателскиот центар за политичко образование.

Advertisement

На предавањето на тема „Актуелните безбедносни предизвици и перспективи од членството во НАТО во време на војна во Украина“, таа се осврна на придобивките за Северна Македонија од членството во НАТО, како и хибридните и сајбер заканите, вклучувајќи ги и дезинформациите како безбедносна закана.

– Секоја педа од нашата земја е под заштита на колективната одбрана и тоа носи сигурна и просперитетна иднина, рече министерката и потенцираше дека тоа е резултат на храбри и тешки, но исправни одлуки. Оваа година ја покажа суровата реалност дека војната на европско тло не е минато и дека мирот не е загарантиран. Затоа, развојот на одбранбените капацитети е неопходност, а градењето на отпорност мора да биде наш приоритет во континуитет, нагласи Петровска.

Министерката за одбрана во однос на хибридните и сајбер заканите посочи дека се сè посериозна закана за сите развиени општества, а ги спомена и зголемениот број сајбер напади врз државните институции, невладините организации и централните банки.

– Дезинформациите имаат потенцијал да ја поткопаат општествената кохезија и да создадат поделби и ослабување на земјите однатре и затоа потребно е да работиме на развој и имплементација на политички и неполитички алатки со кои ќе се спротивставиме на овие штетни појави, заклучи Петровска.

Во едночасовната дискусија со триесетината млади професионалци, активни учесници во општествениот и политичкиот живот во државата, министерката одговори на голем број прашања за регионалната безбедност, модернизацијата и опремувањето на Армијата.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.