Поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба, а живот загрозен, кому му одговара да умре?, прашува правниот тим

news
Advertisement

Со нов извештај од лекарски преглед, правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 тврди дека алармантно му е влошена здравствената состојба на осудениот. Тие преку соопштение за јавноста прашуваат и на кого му одговара влошеното здравје да резултира со смртни последици. Потенцираат дека Јовановски-Боки 13 не е третиран според насоките на докторите во затворот „Идризово“. Според правниот тим, предлогот е Јовановски-Боки 13 да биде опериран и да му се извади желудникот. Извештајот на Јовановски од направена гастроскопија е од државната Клиника „Мајка Тереза“.

Advertisement

„На осудениот Бојан Јовановски со прекар Боки 13, му беше напревена горнодигестивна ендоскопија, гастроскопија , при која инвестигација, со предлог за оперативен третман тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на витален орган желудник, бидејќи врз пациентот терапевтскиот третман не е спроведуван, ниту реализиран, односно со ова медицинско иследување и наод се потврдува фактот дека осудениот Бојан Јовановски нема услови и можност да се лекува и да се третира во пенални затворски услови. Наодот од извршената гастроскопија е рефериран и одобрен од стручниот колегиум на Клиниката УК за ГЕХ Скопје. Животот на осудениот Бојан Јовановски е ставен во ризик, бидејќи извесно е во секој момент да настане компликација која ќе биде фатална по неговиот живот, па наместо законита постапка имаме состојба на хазардерско постапување од страна на надлежните органи, а како влог е ставен животот на осудениот Бојан Јовановски!“, велат од правниот тим.

Тие потсетуваат дека Кривичен суд четири месеци нема правосилна одлука за прекинот на издржување на казната поради влошеното здравје.

„Постапка по својот карактер е итна, а истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Боја Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема сѐ уште одлука!“, додаваат од правниот тим.

Потсетуваат дека состојбата на Јовановски за која тврдат дека е од животно-загрозувачки карактер е потврдена со безброј медицински докази.

„Ја информираме општата и стручната јавност дека оваа агонија и тиранија кон осудениот Бојан Јовановски трае повеќе од седум месеци и дека во текот на двете последователни постапки за прекин кон судот и кон двете постапки за прекин кон Управата за извршување на санкциите, од страна на одбраната се поднесени безброј писмени поднесоци, темелени врз основа на цврсти медицински докази кои укажуваат на сериозноста и животно-загрозувачкиот карактер на болеста на осудениот Бојан Јовановски, кој е дефинитивно предмет на нечовечно однесување, истиот се третира како експериментален предмет, а не како човек, врз осудениот Бојан Јовановски веќе несомнено се спроведува тортура од највисок степен и му се нарушуваат сите загарантирани човекови права согласно Устав и согласно Европската конвенција за заштита на човекови права“, додаваат тие.

Според нив, ваквото третирање на затвореникот е изживување врз него.

„Вакво институционално постапување и директно изживување од позиција на моќ е незапаметено во поновата историја, дотолку повеќе што однапред предупредувавме во барањата за прекин дека доколку осудениот Бојан Јовановски не се лекува и третира согласно специјалистичките извештаи и конзилијарните мислења на десетици специјалисти и суб-специјалисти, ќе дојде до оваа крајна и непосакувана последица, а тоа е операција со висок ризик на смртност и настанување на траен инвалидитет кај Бојан Јовановски. После сето ова веруваме, но не сме убедени, дека за Бојан Јовановски еднакво важи загарантираното Уставно начело на неповредливост на физичкиот и психичкиот интегритет, како и за сите други граѓани во Р.С.Македонија“, се вели во соопштението.

Тие и јавно упатија прашања.

„Оттука, јавно прашуваме на кого му одговара да настанат смртоносни последици по животот на осудениот Бојан Јовановски? Дали системот свесно, организирано и координирано, секојдневно и стихијно го убива Бојан Јовановски? Кој ќе понесе одговорност за веќе настанатите последици по здравјето и животот на Бојан Јовановски? Осудениот Бојан Јовановски беше осуден и пред да биде осуден со пресуда на сомнително правен начин, но тоа е тема за друго идно време, а на оваа тортура мора да се стави крај! Знаеме и свесни сме од каде доаѓаат наредбите за ова изживување кон Бојан Јовановски, но по словото на законот и легалитетот ќе се бориме со сите законски средства до крајна линија на секој расположлив начин со наредбодавачите и извршителите на оваа системска тортура и линч!“, се додава во соопштението.

Правниот тим на Бојан Јовановски-Боки 13 велат дека нема да се откаже од намерата правдата да излезе на виделина.

„Порачуваме дека не се откажуваме од намерата за правдата да добие светлост на денот и дека не се плашиме од директните и индиректните закани, од причини што бранејќи ги правата на осудениот Бојан Јовановски, ја браниме законитоста, а преку тоа ја браниме и правната стабилност која е сериозно разнишана преку вакви негативни примери. И секако важно за напомена е дека барањето за прекин на издржување казна затвор претставува институт од времен карактер, а не ослободување од изречената санкција!“, се вели во соопштението од правниот тим.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.