После Милевски ќе летаат и овие министри

news
Advertisement

Факт е дека голем дел од кабинетот на владата остана ист по преземањето на Ковачевски, така што, упатно е да размислува дека може да следува некаква мала реконструкција, коментираат политичките аналитичари.

Advertisement

Оставката на Горан Милевски од позицијата министер за локална самоуправа може да повлече уште најмалку три измени во министерскиот тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски.

Во политичките кругови веќе започнаа да кружат информации дека Владата сериозно размислува да му се заблагодари на актуелниот министер за здравство Беким Сали за досегашната соработка, а од игра најверојатно ќе излезат и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Како главни кандидати за местото на Сали досега се спомнуваа тројца познати доктори и директори на клиники и болници: Софија Пејкова, Милена Стевановиќ и Христијан Костов.

Неофицијално, како главна причина за смена на Алити од највисоката позиција во Министерството за информатичко општество и администрација се посочени новите проценти во „балансерот“ и кревањето на процентот на Албанците на 31,54 проценти и покрај укажувањата на Државниот завод за статистика (ДЗС) дека треба да се пресметуваат процентите само на резидентното население во земјава, а не и на дијаспората.

Премиерот Ковачевски наводно не е задоволен и од работата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, па очекувано е тој да биде симнат од позицијата главно поради проблемите со реализацијата на големите инвестициски проекти, автопатите Кичево-Охрид, Скопје-Блаце, како и железничката и патната инфраструктура со Бугарија.

Засега не се познати главните претенденти за позициите на Алити и на Бочварски, но затоа, пак, веќе гласно се зборува дека партиската и министерската позиција на Горан Милевски најверојатно ќе ги преземе пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова.

– Ништо не е официјално. Претседателот Милевски најави дека од лични причини се повлекува од лидерската позиција во ЛДП, па јас не би сакала да зборувам во негово име. Ние сме во постојана комуникација и координација околу партискиот дел, а јас во неколку наврати веќе кажав дека партијата треба да остане обединета. Доколку биде донесена одлука поддржана од членството, јас со задоволство би го прифатила предизвикот да го наследам Милевски на чело на партијата, а со тоа би станала и првата жена која застанала на лидерската позиција на ЛДП. Имам своја визија и програма за тоа како треба да изгледа и да работи партијата во иднина – објасни Зајкова.

Во делот на шпекулациите дека токму таа ќе го наследи Милевски и на позицијата министер за локална самоуправа, Зајкова вели дека нема такви амбиции.

– Еве сега и официјално ќе изјавам дека јас немам апсолутно никакви амбиции да седнам во министерската фотелја. Сметам дека можам повеќе да придонесам доколку бидам избрана за лидер на ЛДП, отколку да бидам министерка. За тоа испразнето министерско место, кое и понатаму ќе остане на ЛДП, ќе дискутираме на Централен одбор – ни изјави Зајкова.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски се согласува дека заминувањето на министерот за локална самоуправа ја отвора вратата за реконструкција на владиниот тим.

– Најавите се дека Ковачевски сака да го освежи кабинетот, меѓутоа, сега тоа се само шпекулации. Факт е дека голем дел од кабинетот на владата остана ист по преземањето на Ковачевски, така што, упатно е да размислува дека може да следува некаква мала реконструкција. Тоа не треба да биде поттикнато од политички опортунизам, туку треба да има некаква меритократија, односно оние министри кои ја работат својата работа треба да останат без притисок од политика, а оние кои не ја работат треба да бидат сменети без оглед што се можеби политички моќни – објаснува Арсовски.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.