Продадени три стана на Мијалков, кои беа запленети, вратени средства со вкупен износ од 332.276 евра

news
Advertisement

Агенцијата за управување со одземен имот, денеска по пат на електронско јавно наддавање продаде дел од одземениот имот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Како што информираше директорот на Агенцијата, Дритон Небиу, од продажбата на имотот, во буџетот на Република Северна Македонија ќе бидат вратени средства со вкупен износ од 332.276 евра.

Advertisement

Небиу, на прес-конференција по извршената аукција, информираше дека продадени се три стана на улица „Славејко Арсов“, еден од 78 метри квадратни и два од 73 метри квадратни, како и гаража од 30 метри квадратни.

-За недвижностите имаше наддавање, се одвиваше непречено и истите завршија успешно. Согласно постигнати вредности од наддавањето, во државниот буџет ќе бидат уплатени парични средства кои беа одземени од граѓаните и истите ќе бидат вратени во вкупна вредност од 332.276 евра, изјави Небиу.

Агенцијата за управување со одземен имот, идната недела ќе објави уште една јавна аукција за останатиот дел од имотот на Мијалков, кој претходно со судска пресуда му беше одземен во истиот предмет.

-Истовремено ја информираме јавноста дека продолжуваме понатаму за истиот предмет и во најскоро време ќе објавиме продажба и за други недвижности за кои што веќе имаме правосилни судски одлуки, рече Небиу.

Тој ги повика граѓаните да учествуваат во електронското јавно наддавање и додаде дека секој граѓанин, физичко или правно лице, од Република Северна Македонија има право да учествува во јавното наддавање, освен вработените во Агенцијата за управување со одземен имот и осуденото лице.

Во случајот „Империја“, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинтелството, а казната беше три години затвор и одземање на имот вреден околу 30 милиони евра, меѓу кои 25 станови и парцелата до хотелот Мериот.

Извор. https://zoom.mk/prodadeni-tri-stana-na-mi%D1%98alkov-koi-bea-zapleneti-vrateni-sredstva-so-vkupen-iznos-od-332-276-evra/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.