Протест во гостиварска Бањица за работите на Коридор 8: Сакаат да ни ги земат нивите сосила, никој не не‘ информира за ништо!

news
Advertisement

Жителите на Горна и Долна Бањица во Гостивар попладнево се собраа на протест за да изразат незадоволство околу работите кои се одвиваат за изградба на Коридорот 8, во атарот на нивните села.

Advertisement

Велат дека се револтирани што никој од надлежните институции не ги информирал дека ќе стартува таков проект и дека е предвидено да се врши експропријација на нивните ниви, туку одеднаш почнале да добиваат покани да си подигнуваат решенија за трајно одземање на земјиштето за минимален надоместок.

„Револтирани сме, со векови наназад и двете села се занимаваат со земјоделие, патот поминува низ нивите каде работат земјоделците, тоа се нивните единствени приходи од кои живеат, а овие ниви се предвидени да се земат со сила за минимална цена. Тоа нема да го дозволиме. Едногласно велиме НЕ, на тоа целосно да ни се одземат нивите од кои ние си го одржуваме животот. Со градење на пат да се уништуваат ниви за земјоделие значи да се уништува еден народ. „Коридор 8“ опфаќа површина од 130 илјади метри квадратни, меѓутоа не можеме да сфатиме како околу 600 илјади метри квадратни се опфаќаат за кампови и логистика. Во Законот јасно пишува дека за логистичка потреба, нивите може да се користат привремено, не и‘ личи на држава која е кандидат за ЕУ со сила да ги одземе нивите кои се во приватна сопственост на народот. Како жители на двете села сакаме да дадеме сознание дека ќе се спротивставиме на овие незаконски обиди и се надеваме дека институциите ќе ја поправат оваа грешка. Требаше да ни достават план пред да почнат работите, да не известат дека се гради нешто, а не дирекно ни носат решенија за експропријација, одредиле некоја минимална цена од 650 денари за метар квадратен. Нема пари кои може да ни ги платат нивите од кои ние ги храниме семејствата.“, рече Насир Асипи, во име на жителите кои протестираа.

Населението реагира и дека фирмите кои вршат минирање на теренот не ги информираат за термините со што се создава вознемиреност, особено кај постарите и децата.

„Се разбира дека сме среќни како народ на Р.С.Македонија со изградбата на автопатотот за што долго време се зборуваше, тоа е проект на нашата држава со кој сме горди, но во тек на изградбата на патот мора да се внимава на интересите на граѓаните и да не бидат оштетени. Иако патот поминува во близина на нашите села, секој втор ден пукаат експлозиви, жителите не се информирани од страна на фирмите кои вршат работа. Како ние да не живееме тука, а државата просто не се грижи за нас.“, рекоа жителите.

Граѓаните кажаа дека се обратиле до надлежните институции, но до сега не добиле никаков одговор. Доколку нема реакција до вторник, планираат да организираат блокади на патиштата и поголеми протести.

„Ќе ги браниме нашите права до крај, во рамки на законот. Апелираме до претседателот, премиерот на државата и сите министри и пратеници и Народниот правобранител. Во најбрзо време да се најде решение да се почитуваат интересите на народот што побрзо да се решат овие неправилности. Ако не се преземат мерки, во следните денови сите патишта на селата ќе бидат блокирани за вработените во фирмите, за да ги браниме правата на жителите. Ќе започнеме со протести и пред институциите.“, рече Асипи.

ИЗВОР. https://gostivarpress.mk/protest-vo-gostivarska-banicza-za-rabotite-na-koridor-8-sakaat-da-ni-gi-zemat-nivite-sosila-nikoj-ne-ne-informira-za-nishto/

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.