Родител што не го вакцинирал детето, куртули од глоба, зашто судот смета дека Државниот здравствен инспекторат направил процесна грешка

news
Advertisement

Родител на дете кое не било редовно вакцинирано согласно задолжителниот Календар за имунизација, се спаси од плаќање казна. Најнапред Основниот суд Свети Николе, а потоа Апелациониот суд во Штип досудија дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат погрешил, зашто не ги навел денот и времето кога бил сторен прекршокот на невакцинирање.

Advertisement

Членот 33 од Законот за заштита од заразни болести предвидува задолжителна вакцинација против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б, вирусен хепатитис Б и ХПВ.

Според документацијата до која дојде „Слободен печат“ детето не било вакцинирано, па Државниот здравствен и санитарен инспекторат побарал да се поведе прекршочна постапка против родителот Д.В. за прекршок по член 33 од Законот за заштита од заразни болести. Наместо да плати глоба меѓу 300 и 650 евра како што предвидува законот, родителот бил ослободен од плаќањето, наводно поради пропустот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат. ДСЗИ пак, не го признава пропустот и велат дека не бил направен.

-Се работи за поведена прекршочна постапка за родител кој одбил да го вакцинира своето дете согласно Календарот за задолжителна имунизација. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по добиеното известување од вакциналните пунктови при ЈЗУ Здравствени домови на територијата на Република Северна Македонија, спроведува постапка за порамнување. Но, доколку родителот одбие да се порамни, се поднесува барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд. Апсолутно се невистинити наводите во решението од Апелациониот суд Штип, дека ДСЗИ не одговорил навремено на барањето на Основниот суд Свети Николе за дополнување на првично поднесеното барање, по однос на време и место на сторување на прекршокот. Овие податоци биле наведени и во првото поднесено барање за поведување на прекршочна постапка до Основниот суд Свети Николе, како и во платните налози кои се составен дел на барањето, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат за „Слободен печат“.

Како што се наведува во документите од судот за конкретниот случај, Основниот суд Свети Николе го отфрлил барањето за поведување прекршочна постапка против родителот. Инспекторатот ја обжалил одлуката па на одржаната седница утврдил дека жалбата е неоснована.

Во првично поднесеното барање за поведување на прекршочна постапка не е точно наведено време и место на сторување на прекршокот и покрај тоа што во записникот за констатиран прекршок и во прекршочениот платен налог, како време и место на извршување на предметниот прекршок е наведено време односно датум 15 март 2023 година, а како место е наведено ЈЗУ Здравствен дом Свети Николе, пишува во пресудата од Апелација.

Во неа се додава дека судот во Свети Николе побарал од ДСЗИ да го дополни во рок од 15 дена. Наједноставно кажано, судот смета дека во барањето за прекршочна постапка не било наведено местото и времето на сторување на прекршокот, туку тоа било наведено во запизникот за констатиран прекршок и во прекршочниот платен налог. Ова било доволно родителот да куртули од глоба.

Иако во записникот за констатиран прекршок и во прекршочниот платен налог се наведува место и време на сторување на прекршокот, тие податоци самиот подносител бил должен да ги наведе во самото барање за поведување на прекршочна постапка, бидејќи тоа е негова законска процесно правна обврска, но првостепениот суд нема законски овластувања самиот да го менува фактичкиот опис на прекршокот, пресече Апелацискиот суд Штип.

Од предметот не може да се заклучи за која задолжителна вакцина станува збор односно не била примена. Во исто време додека се носат вакви судски одлуки, Министерството за здравство, Здравствениот инспекторат и Комисијата за заразни болести инсистираат на зголемување на вакциналниот опфат, носат мерки за засилени контроли во градинките и проверка на вакциналните картони на децата поради тоа што е прогласена на епидемија на голема кашлица во Скопје. Во земјите од соседството има зголемен број на деца што имаат морбили, поради што Комитетот за имунизација препорачува контролите да се прават во градинките и за МРП вакцината, пред втора епидемија да затропа на вратата. УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи со голема кашлица во земјава и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот.

Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството или пријател да им почине или да има доживотни последици од болести како што се мали сипаници или детска парализа. Сегашната епидемија од голема кашлица потсетува на важноста од одржување опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95 проценти за да се постигне колективен имунитет. Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото, апелираа од УНИЦЕФ.

Во моментот пет бебиња со голема кашлица се лекуваат во болницата за белодробни заболувања „Козле“ а најмалото има 2 месеци. Ниту едно од хоспитализираните бебиња не е вакцинирано. Календарот за имунизација против пертусис се одвива на два, четири, шест, осумнаесет месеци и на седум годишна возраст. Затоа здравствените власти апелираат да се постигне колективниот имунитет, односно да се вакцинираат сите кои што можат согласно возраста да се вакцинираат, и на таков начин да се заштитат најмладите бебиња што немаат постигнато возраст да се вакцинираат и се најзагрозени.

Од вкупниот број на регистрирани 216 случаи со голема кашлица од 8 до 14 март, 122 случаи не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Големата кашлица е предизвикана од бактеријата „бордатела пертусис“ и е многу заразна респираторна болест позната по силните напади на кашлање. По овие напади, болните често мора да земат длабок здив. Инфекцијата се шири низ респираторниот тракт кога заразеното лице кашла или кива. Луѓето во близина можат да ги вдишат овие капки и да се заразат. Големата кашлица ги погодува сите возрасти, но кај возрасните обично е поблага и се опишува како 100-дневна кашлица што може да се лекува. Но, кај децата тоа може да доведе до компликации како воспаление на белите дробови, отежнато дишење и напади.

На 15 март пристигнаа првите вакцини против голема кашлица за возрасни во земјава и се наменети за бремените жени во третиот семестар од бременоста.извор слободен печат

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.