Русин кој избега од мобилизација: Изборот беше или затвор или да станам убиец

news
Advertisement

Според најавите на руското Министерство за одбрана, воен повик ги чека 300.000 лица помлади од 55 години и тоа само оние кои веќе служеле војска. Руските медиуми јавуваат дека и повозрасни лица добиваат покана, но и оние без воено искуство. Критичкиот весник Новаја Газета Европа дури тврди дека Кремљ планира да повика до милион војници. Москва ги негира таквите наводи, но луѓето се несигурни, пишува Дојче веле.

Advertisement

Не е дека се плашам. Ако сакаат, ќе не фатат сите, вели 28-годишниот Михаил Бајанкин, магационер од Череповец. Тој тврди дека ќе одбие да оди во војна, дури и ако тие дојдат по него. „Зборуваат за должност. Која должност? Би отишол доколку нашата земја е нападната, но овде ние напаѓаме соседна земја, изјави Бајанкин за Дојче веле.

Тој истакна дека за руските власти човечките животи не вредат ништо. „Не испраќаат на фронт, а не им е грижа дали ќе се вратиме. Ние сме само топовско месо за нив“.

Се чини дека многумина размислуваат слично. Очевидци и видео снимки говорат за долги редици на границите. Оние кои немаат виза заминуваат во Грузија, Казахстан или Монголија. Кој има пари заминува во Обединети Арапски Емирати или Турција. Се бараат и Финска и Србија.

Еден 34-годишен инженер од Краснодар, кој побарал да остане анонимен, штотуку пристигнал во главниот град на Грузија, Тбилиси. Претходно тој бил војник по договор, па имал големи шанси да биде мобилизиран. За Дојче веле раскажува дека секако планирал да замине, а мобилизацијата само ја забрзала одлуката.

Не ја напуштив мојата земја засекогаш. Ја сакам Русија и сигурно ќе се вратам еден ден, вели тој.

Валериј Клепкин (43) до пред два дена живеел во северниот дел на Русија и работел во полиција. Тој тврди дека од почетокот на војната добил неколку повици од воениот оддел, но не отишол.

Јас сум резервен офицер. Не сакав да чекам повеќе бидејќи тогаш ќе имав само избор: или да одам во затвор или да станам убиец, изјави Клепкин за ДВ. Со првите вести за мобилизацијата, Клепкин си ги спакувал работите и заминал во Финска каде има многу пријатели. Тој вели дека веќе го знае јазикот бидејќи неговиот дедо живеел во Финска.

Патот кон балтичките држави е затворен. Лидерите на Естонија, Летонија и Литванија најавија дека Русите треба да останат во својата земја и да се борат против режимот на Владимир Путин. Исто е и во Чешка. Финска би можела наскоро да го затвори и влезот и транзитот за Русите.

Рускиот опозициски политичар Лев Шлозберг ги критикува ваквите одлуки. Тој во интервју за Дојче веле им се обраќа на балтичките и источноевропските земји дека попуштиле пред нивните десничарски популисти и подигнале нова железна завеса. „Порано или подоцна сите повторно ќе живееме во мир. И колку е сега поголем јазот меѓу нас, толку потешко ќе биде повторно да се зближиме“, додаде Шлозберг.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.