СДСМ и ВМРО повторно се фатија за Бугарија

news
Advertisement

И покрај тоа што официјална Софија побара билатералните односи со Бугарија да не бидат дел од предизборната кампања во земјава, двете најголеми партии продолжија со меѓусебни обвинувања за тоа кој е поблизок со бугарските политичари. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека претседателот Стево Пендаровски добил поздрави од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, поради спорна изјава поврзана со потеклото на револуционерот Гоце Делчев. Според опозициската партија, ваквото однесување на Пендаровски придонело Македонија да биде блокирана на патот кон Европската Унија.

Advertisement

„Стево Пендаровски ги сруши македонските позиции и ја понижи нацијата кога кажа дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Стево Пендаровски беше поздравен и охрабрен за овој свој став лично од Андреј Ковачев. За разлика од поддршката за Пендаровски, Ковачев го нападна претседателот Мицкоски затоа што го повикал Стево да се повлече од тие негови ставови“, рече Миле Лефков – ВМРО-ДПМНЕ.

Социјалдемократите вчера истакнаа дека кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова имала фотографија со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој е познат по радикалните ставови кон Македонија. Фотографијата сепак била направена пред пет години. Но и покрај тоа, денеска од владејачката партија соопштија дека и Мицкоски имал фотографија со контроверзниот политичар, па прашаа која е нивната поврзаност?

„Не е само Гордана Силјановска, горд на слика со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев е и Христијан Мицкоски. Андреј Ковачев е познат негатор на македонскиот народ. Јавно порачуваше дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Браќата Миладиновци напишале бугарски народни песни, а не Зборник, дека историјата ни е фалсификувана. Што има заедничко Мицкоски со Ковачев?“, рекоа од СДСМ.

Официјална Софија претходно реагираше, барајќи Бугарија и билатералните односи да не бидат дел од предизборната политичка дебата во земјава. Според соседите, оваа тема се користи поради немањето напредок во Македонија. Реакцијата следуваше откако шефот на државата Стево Пендаровски во телевизиско интервју кажа дека македонското малцинство во Бугарија било подложно на тортура. МНР појасни дека нашата амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска била повикана на разговор во тамошното Министерство за да ѝ се укаже дека согласно Договор меѓу двете земји постигнат во 1999-тата година, Македонија се обврзала да не се меша во однос на прашањето за малцински права во Бугарија.

Advertisement

Leave a Reply

Your email address will not be published.